Ромите со отворено писмо до Заев и до ромските претставници во власта

Ромски невладини огранизации и поединци, активисти и интелектуалци, преку отворено писмо до премиерот Зоран Заев го изразија нивното незадоволство, затоа што меѓу предложените заменици-министри нема ниту еден припадник на ромската заедница.

„Сметаме дека ваквата одлука директно ја доведува во прашање заложбата на оваа Влада, за интеграција на ромската заедница во општеството и можноста - Ромите директно да учествуваат во одлучувачките процеси и да придонесуваат во развојот на демократијата во нашата земја. Бараме претседателот на Владата да ја преиспита својата одлука во однос на распределбата на функциите во државата. Се надеваме дека во плановите за инклузија на Ромите во општеството и во јавните институции, се предвидува назначување на Ром(к)и на раководни функции во државните институции кои се од витално значење за унапредување на положбата на Ромите“, се вели во отвореното писмо, што досега го потпишаа стотина Роми.

„Во однос на формирање на новата Влада, односно, извршната власт, сметам дека ромската популација не е доволно застапена. Имајќи ја предвид состојбата со ромската популација во Република Македонија, сметам дека треба повеќе да партиципираме во извршната власт, а и општо, во донесувањето на одлуки што ќе бидат значајни за успешната инклузија на Ромите во општеството. Сите сме сведоци дека нема ниту еден Ром заменик-министер, а и во едно интервју на премиерот Зоран Заев, не се спомна ромската популација, туку замениците-министри од другите народи, Албанци, Власи, Срби...“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, еден од потписниците интелектуалци д-р Ариф Пини.

Д-р Ариф Пини

„Јас, сепак, вината ја лоцирам кај слабиот политички фактор на Ромите, кој никогаш немал капацитет да ги брани ромските интереси, а од друга страна, не дозволува млади, свежи, интелектулни кадри да ја предводат политиката на Ромите. Сите сме сведоци дека треба промени, а политичарите кои досега, постојано се на сцена, сигурно самите ќе се препознаат, треба да си заминат. Во Македонија има млади Роми интелектуалци за кои сум сигурен дека имаат капацитет и соодветно би ги бранеле нашите интереси, но за да стапат на сцена, ‘старите волци’ мора да си заминат и да не им пречат да дојдат до израз. Во спротивно, ќе тапкаме во место, а нашата состојба ќе се влошува...“, дециден е д-р Пини.

Тој испрати и апел до сегашната, а и до идните власти: „Не заборавајте да ги читате меѓународните извештаи кои не спомнуваат како Роми и ги посочуваат нашите проблеми во Македонија. Властите треба да сфатиат дека и ние мора да партиципираме во градењето на нашата заедничка Македонија. Да не испадне дека утре, Ромите ќе ѝ пречат на Македонија во евроатлантските интеграции, бидејќи некој не внимавал и не се заложил за решавање и на ромското прашање“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, д-р Ариф Пини од Гостивар.

Акиф Кариман од невладината организација „Романо авази“, како еден од потписниците на писмото, вели дека до крајот на неделава, очекуваат одговор од премиерот Заев и се надеваат на средба со него. Ако тоа не се случи, имаат стратегија и ќе продолжат со притисокот во истата насока.

Акиф Кариман

„Иако оваа Влада отворено за време на кампањата искажа заложби за унапредување на состојбата на Ромите во Македонија, и поради тоа доби силна поддршка од ромската заедница, во пракса, именувањето на само еден Министер без Ресор во Владата на Република Македонија креира чувство кај Ромската заедница дека состојбата на Ромите во Република Македонија се уназадува односно влошува. Овој потег веќе предизвикува реакции кај граѓаните од ромската заедница, и ќе кулминира во пресрет на локалните избори оваа есен“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Акиф Кариман од „Романо авази“.

Еден од потписниците, Ремзи Медик, од невладината организација „Баирска Светлина“, изјави за ЦИВИЛ Медиа дека се надева оти сепак, ќе има назначување на Роми на раководни функции во државните институции, за и на тој начин да се влијае на унапредувањето на положбата на Ромите: „Сведоци сме дека ромските претставници ги немаат ни претходните позиции на кои беа поставени од претходната власт!“.

Потписниците на отвореното писмо очекуваат дека и ромските претставници во извршната и законодавната власт, пратеникот Курто Дудуш и министерот без ресор Самка Ибраимовски, ќе реагираат на ваквата одлука и јавно ќе ги застапуваат интересите на Ромите пред институциите.

Дехран Муратов

 

Green CIVIL

FREE
VIEW