Инженери, архитекти, правници, екологисти, лекари, археолози, етнолози и други специјалисти, од Охрид, Македонија и светот, со цел да придонесат за зачувувањето на oхридскиот регион, како светско природно и културно наследство, формираа неформално и непартиско здружение на граѓани „Совест“.
Иницијаторите директно, преку своите специјалности, но и преку институциите на системот ќе да бдеат 24 часа над сите градежни и инфраструктурни зафати во Охрид – градот на УНЕСКО.
Од здружението информираа дека наскоро, своите форми на соработка и поддршка ќе ги презентираат на невладиниот организации, посебно на еколошките асоцијации, потоа на Владата и конкретно на Министерството за култура, како и на пратеничката „Неформална група – пријатели на Охрид под УНЕСКО“, во Собранието на Република Македонија.
„Преку новинарите и медиумите, сакаме да ја запознаеме пошироката јавност со конкретните зафати на Здружението, кои ќе се одвиваат, првенствено, во прилог на зачувување на патронатот на УНЕСКО над Охрид, како заштитетно природно и клултурно наследство“, велат иницијаторите.
Пред два месеца Комисијата на УНЕСКО почна со мониторинг на иградбата на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2, Железничкиот коридор 8 и плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин. Токму поради овие проекти Охрид се најде на листата на УНЕСКО „Светско наследство во опасност“.