Еколошкото друштво „Вила Зора“ денеска на прес-конференција одржана на отворено кај детското игралиште во Населбата Тунел, апелираше до надлежните да превземат мерки за да се запре енормното аерозагадување со бела прашина и смог кои секојдневно се испуштаат во двете велешки Населби, Тунел и Превалец.
Ангел Ќиров член на претседателството на ЕД „Вила Зора“ информира дека подолго време до нив се јавуваат мноштво граѓани од овие две велешки населби, а кои се жалат на на енормно аерозагадување со бела прашина и смог која им го нарушуваат здравјето.
„И покрај нашите реакции до надлежните, состојбите,остануваат непромените, а емисијата на штетни честички во воздухот е неколку десетици пати над максимално дозволените концентрации што е недозволиво“, потенцира Ќиров.
Воедно посочува дека имаат информации дека регионалниот инспектор за животна средина, неколку пати вршел надзор, но тие немаат повратни информации дека состојбата е подобрена и загадувањето е намалено.
„Затоа ЕД „Вила Зора“ сега и јавно бара информации од надлежниот инспекторат за животна средина,дали стопанските субјекти кои работат во овој дел на градот се одговорни за загадувањето на амбиенталниот воздух.Поточно бараме да дадат информација за тоа кој е изворот на чадот и белата прашина.кој постојано го има во овие две велешки населби во новиот дел од градот“, побара Ќиров.
Воедно запраша дали стопанските субјекти од овој дел на градот ги имаат сите потребни еколошки дозволи за нивно работење,а согласно законите во Р.Македонија.
Екологистите врз основа на Архиската конвенција која е ратификувана во земјава,побараа да бидат писмено известени за загадувачот,а со тоа и граѓаните на Велес да бидат информирани и заштитени од аерозагадување.
Граѓаните од овој дел на градот во своите изјави се сомневаат дека извор на аеро загадувањето се стопанските субјекти кои вадат камен во овој дел од градот.
„Но, сепак за тоа кој точно е причинтелот на аерозагадувањето треба да утврди надлежннот инспекторат за животна средина“,посочуваат екологистите.
Извор: МИА