Научниците случајно создадоа мутант-ензим кој „јаде“ пластични шишиња!

Пронајдокот, поттикнат од откривањето на бубачки кои јадат пластика на јапонска депонија, може да помогне во решавањето на глобалната криза со загадување од пластика, пишува Гардијан.

Научниците случајно создадоа мутант-ензим кој ги разложува шишињата од пластични пијалаци! Пронајдокот може да помогне во решавањето на глобалната криза со загадување со пластика, овозможувајќи за првпат, целосно рециклирање на шишињата.

Новото истражување беше поттикнато во 2016 година, со откривањето на првата бактерија која природно еволуирала јадејќи пластика од отпадоци во Јапонија. Научниците сега открија детална структура на клучните ензими произведени од бубачка.

Интернационалниот тим го изменил ензимот за да види како еволуирал, но тестовите покажале дека ненамерно ја направиле молекулата уште подобра за раскинувањето на ПЕТ (полиетилен терефталат) пластика, употребена за амбалажа за безалкохолни пијалоци.

„Она што всушност се покажа е дека го подобривме ензимот, што беше малку изненадувачки”, рече професорот Џон Мек Гехен, од Универзитетот во Портсмут, Велика Британија, кој го предводеше истражувањето. „Тоа е одличен наод”.

На мутираниот ензим му се потребни неколку дена за да почне да ја уништува пластиката – далеку побрзо од вековите кои се потребни за природно разложување. Но, истражувачите се оптимисти дека ова може да се забрза уште повеќе и да стане одржлив процес од големи размери.

„Ние се надеваме дека ќе го користиме овој ензим за да ја разградиме пластиката – назад во нејзините оригинални компоненти, така што, буквално можеме да ја рециклираме”, рече Мек Гехен. „Тоа значи дека ќе го намалиме количеството на пластика во животната средина”.

Околу милион пластични шишиња се продаваат секоја минута низ целиот свет! А, само со 14% се рециклираат, многумина завршуваат во океаните, коишто ги загадуваат дури и најоддалечените нивни делови, им штетат на морскиот живот и потенцијално, на луѓето кои јадат морска храна.

Сепак, во моментов, дури и оние шишиња кои се рециклираат може да се претворат само во непроѕирни влакна за облека или за ќилими. Новиот ензим е начин за рециклирање на јасни пластични шишиња назад во јасни пластични шишиња, што може да ја намали потребата за производство на нова пластика.

М. И.

Green CIVIL

FREE
VIEW