Ресенчани против аерозагадувањето од туланата „Нова слога“

Граѓанската иницијатива “Стоп за труењето од кокс од „Нова Слога“ од Ресен и Здружението за заштита на животната средина ЕКО Герила, Преспа на 5 април во големата сала на Општина Ресен одржаа  граѓанска дебата  “Нова Слога – Стар проблем“ каде разговараа за користењето на петрол кокс од фирмата  „Нова Слога“, Ресен.

На дебатата учествуваа градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, секретарот на Општина Ресен, Јоне Димовски, Ајман Алмала, раководител на Сектор за животна средина и Андријана Георгиевска- Зебековска, инспектор за животна средина. Дебатата ја проследија и активно учествуваа голем број на ресенчани загрижени за нивното здравје и здравјето на нивните деца.

Користењето на петрол кокс од фирмата  „Нова Слога“ Ресен, ископување на земјиште и негова експлоатација за производство на тули и зголемениот безбедносен ризик за месното население што живее во близина на фабриката беа темите за кои се дебатираше.

Ресенчани се жалеа дека поради загадениот воздух чувствуваат главоболка, а од силната миризба што доаѓа од фабриката не можат да излезат надвор. Тие се пожалија дека и за децата не е безбедно да излегуваат надвор поради честата фреквенција на товарните возила што одат кон фабриката. Истовремено товарните возила го уништиле и локалниот пат, па меѓу другото месното население бара фабриката да си најде алтернативен пат, за да не поминуваат нивните возила низ населбата.

„Имаме проблеми со инфраструктура, целосно е уништен патот кон селата Болно и Евла, каде со голема брзина и претоварени се движат камионите на „Нова слога““, изјави Зоран Богдановски  од Ресен.

Здружението „Еко Герила Преспа“ и неформалната граѓанска иницијатива „Стоп за труењето побараа надлежните да извршат ревизија на еколошката дозвола што фабриката ја добила пред 5 години. Велат се поголем е бројот на ресенчани со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, што според нив се должи на аерозагадувањето.

Ресенчани загрижени за своето здравје и здравјето на нивните деца

Најмногу прашања граѓаните присутни на трибината имаа за општинскиот инспектор за животна средина, Андријана Георгиевска-Зебековска. Таа објасни дека има ограничени овластувања, а досега презела сѐ што е во нејзина надлежност - постапувала по пријавите на граѓаните, повеќепати се извршени мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух, кои секогаш биле во дозволените граници.

„Се чувствувам како да сум на обвинителна клупа, затоа што ги нема одговорните од Министерство за животна средина кои ја издале дозволата, па да кажат зошто не ставиле ставка дека треба на оџаците да се постават филтри. Така стручно ќе се објасни дека сѐ додека нема надминување на граничните вредности на одредени параметри, нема потреба од поставување на филтри... Во прилог оди само да се стави забрана за употребата на петрол коксот“, рече Георгиевска-Зебековска

Дебата “Нова Слога – Стар проблем“, 5 април 2018, Ресен

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски рече дека е задоволен што конечно во Ресен има друга клима и отворено, без страв граѓаните зборуваат за проблемите, кои заеднички ќе се решаваат.

„Најавив транспарентно и одговорно работење заедно со граѓаните, а оваа трибина е доказ за тоа. Охрабрен сум што сите заедно чекор по чекор ќе ги решаваме сите проблеми. Кога станува збор за животната средина и човековото здравје, сакам да посочам дека тоа ќе ми биде најголем приоритет“, изјави градоначалникот Гошаревски.

Сопственикот на туланата „Нова слога“, Васе Митев, вели дека целосно ги почитува законите и дека ги има сите потребни дозволи за работа.

„Туланата користи пропан бутан, мазут и само 20 проценти употребува петрол кокс, кој е дозволен во Република Македонија. Се користи во сите тулани и во други капацитети и тоа во многу поголеми количини. Доколку петрол коксот се забрани за употреба ние ќе го почитуваме тоа. Имаме А интегрирана еколошка дозвола, постојано се вршат мерења на аерозагадувањето, секогаш сите мерења се во ред, иако тоа е дополнителен трошок за нас, но ги исполнуваме сите законски обврски. Не знам кому оди во прилог туланата да не работи“, изјави Митев кој вели дека не добиле покана за трибината на која тема била токму фабриката „Нова слога“ со што немале можност да одговорат на обвинувањата.

Организаторите од Еко Герила Преспа, пак, велат дека не само што испратиле покана до компанијата, туку добиле и повратен одговор во кој тие го откажале учеството на трибината.

Спорниот петрол кокс е нафтен дериват и е класифициран како „отпад“.

„Петрол коксот е голем загадувач на животната средина и затоа ние како здружение бараме од Министерството за животна средина да излезе на терен и да се преиспита веродостојноста на А интегрираната дозвола на субјектот. Исто така бараме да се постави мерна станица за мерење на квалитетот на амбинеталниот воздух што би била единствен показател што ние дишеме“, рече Марија Ефтимовска, од Еко Герила Преспа.

На трибината се постигна согласност за формирање на работна група, составена од членови од надлежните органи и претставници на здружението ЕКО Герила Преспа, и иницијативата, која што ќе изготви правно и институционално издржани барања и истите ќе ги адресира до надлежните регионални и централни органи.

Зизо Љамковски

Green CIVIL

FREE
VIEW