Во Гевгелија почна акцијата за пролетно обновување на повеќегодишните дрвја крај поголемите сообраќајници и одредени делови од градот.
Општина Гевгелија информира дека 230 дрвца ќе бидат засадени на Западниот булевар, поточно на потегот од семафорите на улицата „Деко Ковачев“ до населбата Караорман. Дрворедот ќе го сочинуваат дрвца од јавор и див костен со поголема развиеност, кои ќе бидат засадени од двете страни на булеварот.
Во наредниот период дрвца ќе се садат и на други поголеми сообраќајници во Гевгелија со цел за граѓаните да се обезбеди заштита од сонцето и да се потврди традиционалната препознатливост на градот, кој отсекогаш изобилувал со дрвореди и зеленило.
Со садењето на дрвцата, паралелно се инсталира и систем за наводнување „капка по капка“ кој треба да овозможи побрзо развивање на садниците.
извор: МИА