Штип е подготвен за Европа

ЦИВИЛ организираше работилница „Каква Македонија сакам?“, како дел од проектот „Акција-Интеграција“, во Штип на кој присуствуваа градоначалникот на општината, Благој Бочварски, претставници на граѓанското општество, на политички партии и медиумите. 

Поттикнати од говорот на Бочварски за обидот на Општина Штип да одговори на барањата на граѓаните, во голем дел поврзани со темите на самата работилница, учесниците развија одлична дискусија за проблемите и можните решенија во заедничка соработка.

„Штип е отворена општина за граѓанското учество, демократските реформи, како и за промоција на европските вредности. Тие се важни за Македонија и нашата цел е да видиме како тие се реализираат на терен. Мислам дека во Штип има одлично тло за реализација на вакви проекти... Тоа е што е многу важно се зелените иницијативи. Македонија чекори кон една нова, алтернативна стратегија која го вклучува зелениот квалитет на живот“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ за локалните медиуми.

„Оваа работилница е важна за нас како Општина и за граѓаните затоа што заеднички се заложивме да ги интегрираме и да ги вклучиме во носењето на одлуките и да ги запознаеме што е можно повеќе со она што го правиме како нивни избраници“, изјави Бочварски во изјавата за локални медиуми, пред почетокот на работилницата.

Бочварски истакна дека граѓанското учество им е многу важно во процесот на демократски реформи, истакнувајќи дека за шест месеци се сретнал со повеќе од 1.400 граѓани на Општина Штип.

На двочасовната работилница беа презентирани целите и активностите што се дел од проектот „Акција-Интеграција“ кој ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

 

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW