Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска информираше дека во Македонија започнува грант-програмата на Фондот за Природа „Преспа-Охрид“ – ПОНТ, со што ќе се работи на заштита на животната средина, истакнувајќи дека Министерството ќе обезбеди 50 отсто кофинансирање за реализација на проектот.
„Станува збор за повеќегодишна соработка, вредна повеќе милиони евра“, посочи Макрадули, наведувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги следи тековните процеси на меѓународен план за заштита на природата.
Тој истакна дека главен приоритет на Министерството е ефикасното спроведување на тековните процеси на меѓународен план за заштита на природата.
„Денес се радувам што сум дел од Министерството што исклучително внимание посветува на регионалната соработка и на регионалните проекти. Ние, државите кои се стремиме кон ЕУ мораме да демонстрираме зрелост и кадарност да работиме заедно“, нагласи Макрадули.
Тој наведе дека во рамки на проектот ќе бидат исполнети дел од активностите на усвоените Национални стратегии за заштита на природата и биолошка разновидност, кои во последно време, според него, се запоставени.
„Преку финансиската помош на ПОНТ, исто така ќе се спроведат и плановите за управување со заштитените подрачја. Во текот на првата година, предвидено е да се финансираат проекти за заштита на биодиверзитетот, што се однесуваат на Преспанскиот регион, Националниот парк Пелистер, Националниот парк Галичица, како и Преспанското Езеро“, објасни Макрадули.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање изрази надеж дека во текот на следните години ПОНТ со својата поддршка ќе се прошири и во охридскиот и во другите региони на земјава.
„Со имплементација на проектите од гранд-програмата на ПОНТ ќе се зајакнат капацитетите на собјектите за управување со заштитените подрачја, општините и невладините организации. Исто така ќе се придонесе и за подобрување на прекуграничното управување во делот на заштита и мониторинг над природата со соседните земји, Албанија и Грција“, истакна Макрадули.
Тој посочи дека стратегијата на програмата е да ги подобри и зајакне локалните чинители во областа на животната средина, односно локално да зајакне различни здруженија од делот на рибарството, земјоделските производи, туризмот, медицинските билки и слично. (МИА)