Граѓанските иницијативи и здруженија против уништувањето на Водно денеска во 17 часот ќе се сретна со вицепремиерот Кочо Анѓушев во Владата каде ќе го образложат својот став во однос на изградбата на гасоводот низ парк шумата Водно.
„По заедничкото разгледување на трасата низ Водно, се покажаа основани тврдењата на граѓанските активисти за
нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на
вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР…
Го поздравуваме обидот за ублажување на импактот кој што го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа не ја менува суштината дека предвидената траса сѐ уште останува да води низ заштитено подрачје парк шума Водно и ќе уништи не само потег од 2км (во најдобар случај, ако е можно) густа, децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број на видови, од кои некои ендемски и загрозени.
Задоволни сме што, сите заедно можевме да се увериме, но и да го убедиме г. Анѓушев за штетата што овој дел од гасоводот ќе ја предизвика врз Водно. Но, во исто време длабоко сме разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата се уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово“, стои во нивното образложение.
Исто така, граѓанските иницијативи и здруженија сметаат дека сите економски последици кои произлегуваат од една децениска грешка и последица на нетранспарентно работење треба да бидат адекватно испитани од соодветните државни органи и со сите правни ресусри да се изнајдат виновниците кои ја заложиле животната средина и здравјето на граѓаните во име на профитот.
„Ја поттикнуваме Владата и нејзините надлежни институции, да ги активираат сите свои механизми да го заштитат
Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници. Доколку искрено се сака да се изнајде
најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на клиничкиот центар е скорашен и недвојбен
пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение, по овој пример, бараме и за гасоводната траса“, се вели во образложението.
Граѓански иницијативи и здружениија потписници се Го сакам Водно, О2 Коалиција, Стоп на загадувањето, Спас за Водно, Зелено Тафталиџе, Екокарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, МТБ Оксижен, I love hiking, Гоу Грин, Грин Пауер, Скопје Смог Аларм, Билка, Плоштад Слобода, Еко Свест, Сакаме Аеродром да дише.
Б.Ј.