Од Коалицијата О2 известуваат дека од надлежните институции нема официјално соопштение што се случува деновиве во населбата Железара.
Како што јавуваат од 10 август по социјалните мрежи се објавуваат разни фотографии и видеа каде се гледаат облаци чад што излегуваат од Железара.
„Енормно загадување, ама надлежните ќутат. Инспектори биле, направиле записник, и? Како е дозволено ваква состојба да трае со денови и масовно да ги труе сите скопјани? Казни се изрекоа? До кога вака? Тешкава индустрија ќе си ја чуваме во градов за да се изложат што поголем број на луѓе на вакви хаварии? Мексико Сити ќе се спомнува како пример, нели, ете градот успеал да го намали загадувањето на воздухот, ама никој не спомнува дека дислоцирале индустрија НАДВОР од градот. Таму надлежните избрале што е побитно, здравјето на своите граѓани. Кај нас по сѐ што ни се случува, изборот е поразителен и не е чист воздух и здравј на граѓаните“, велат од Коалицијата О2 на нивната фејсбук страница.
Тие предупредуваат дека ова е голем срам за институциите што наместо да стават крај на ваквите појави со својот молк ги поддржуваат и придонесуваат скопјани да се гушат во загаден воздух.
Од Коалицијата повикуваат на одговорност и транспарентност, во спротивно зелената агенда, како што велат можат да си ја променат во црна.
Б. Ј.