Во свет кој упорно негира дека е пред еколошки колапс, многу е тешко да за се зборува за еколошка правда, заштита на животната средина и зачувување на природата, а истовремено да се користат бенефициите од технолошкиот развој.
Многумина излезот го бараат во глобални решенија наспроти барање излез во потесен круг на поединецот, заедницата или нацијата, секој со сопствените ограничувања и ресурси.
Но, се користи истиот јазик за решавање на конфликтни ситуации. Судирот на интереси секогаш води кон профит за малкумина, а да преживееме сакаме сите. За тоа се потребни минимум чист воздух, вода, зеленило и здрава исхрана.
А, не е така. Она што загрижува е што сите знаеме, ама немаме волја, желба или потреба нешто да преземеме. Затоа што секогаш, нели, постои некој друг што и за нас ќе се погрижи.
Од елементарните (наследени) обиди да се грижиме за околината, како што се грижиме за сопствениот дом, до високо развиени стратегии и начини на справување со еколошката криза, секогаш како препрека се јавува нечија свест.
Креирањето на јавното мислење и јакнењето на јавната свест дека поединечните одлуки влијаат на колективното однесување, како целина во едно општество, бара труд и време.
Волја можеби и има, но време има сѐ помалку. За да се достигне тој степен на свесност дека најмногу од природата зависиме, а најблаго речено, природа сѐ помалку имаме, очигледно е дека треба конечно да почнеме да се однесуваме како свесни битија.
Точно е дека уште од деца нѐ учат нашите родители, воспитувачи, наставници, професори, каде треба да го фрламе ѓубрето, како да го складираме, зошто треба да се садат дрвја, да се негуваат зелените површини, да не се гази тревата, да се оди на планина, зошто е подобро да се вози велосипед, отколку автомобил… Но, кога во развојот ќе стигнеме до лекциите што значи слобода, еднаквост, достоинство, колку чини здравјето и среќата, како се манифестира љубовта, доаѓаме во состојба на заборавање на едни вредности на сметка на други.
И не е новина, ниту измислица на денешнината, но во светот, зелените алтернативи се определувачки фактор за продолжување на животот на планетата Земја, а со тоа и на сите живи суштества. Иако свесен, човечкиот род е најголемиот загадувач и уништувач на природата. Уште еден факт што сите го знаат и никој не го негира.
Тогаш зошто (несвесно во нашето свесно) упорно и деструктивно придонесуваме кон убиството, првенствено, на самите себеси?
Во земја како, на пример, Македонија, тешко дека може да се надминат апстрактните вредности наспроти примарните и реалните. Ако едно општество повеќе вреднува статуи и градежни карикатури како елемент на самоопределување, ако гради култ на традиции што разоруваат, отколку што сплотуваат, дури и поставување канта за отпадоци во една улица ќе наиде на конфликт. И набргу таа канта ќе ја снема, ќе добие конкуренција или, едноставно од инает, нема ни да се постави, па наместо никој, сите ќе се дават во минијатурни депонии.
Сите го знаеме одговорот – самите сме виновни за ваквото девастирачко однесување. Но, што влијае на ваквото однесување?
Ќе се вратам на еколошката правда. Ако таа по дефиниција подразбира правично однесување кон животната средина и природата, и секој неправичен исчекор подлежи на санкции и казни регулирани со закони, тогаш зошто фигурира бледо како збор и мисла, но не и дело?
Одговори има многу. Сепак, зависноста и верижната реакција во синџирот на животот, оној цивилизацискиот, е многу поголема отколку што самите си признаваме… И тука прва збор ќе земе социјалната правда, па во тој контекст сиромаштијата, која придонесува кон уништување на човечкото достоинство, за среќа да не зборуваме, економската благосостојба како недостижен сон, а на сета мака уште се таложи и непристапноста до разбирање, хуманост, солидарност и помош… Лична слобода? Скапа играчка за оние што со пари можат да ја купат.
И сето ова треба да се надмине, во едно општество, како на пример, Македонија, за да се дојде до степен не само да се зборува и локално да се делува, туку доследно да се пренесува знаењето и праксата за значењето за еколошката правда, па зелените вредности, па заштитата на животната средина, а понатаму и глобалната свест и потреба за грижа за планетата Земја. Сето тоа – почнувајќи од сопствениот двор, кон сопствената улица, преку градот и државата, првиот сосед, континентот и целиот свет, па сѐ до универзумот.
Волја има, едукација во напредна фаза… Време, сѐ помалку.
Биљана Јордановска