Доаѓа есен, а потоа и зимата, да се изразиме во духот на најозлогласениот фикус во државата што истовремено ја окупира и претседателската позиција. Иако ни летото не беше без грди еко-теми, зимската сезона ни ги носи истите неволји од минатата година и од годините пред тоа. За летово, ќе остане запаметен несреќниот инцидент со активистите што го сакаат Водно, кога низ воздухот и низ јавноста силно оддекна командата „Гази сѐ пред себе“ за која некој мора неизоставно да одговара.
Овде нема посебно да го третирам фактот што зелениот активизам го злоупотребуваат бојкотирачите, лажните левичари, па дури и лик како што е Митко Чавков, а ни тоа дека организаторите на зелените протести на чуден начин пропуштаат да ја адресираат оваа инфилтрација.
Во овој момент, многу поголем проблем е тоа што за општото здравје на животната средина има само големи зборови и ветувања на долги рокови. Но! На граѓанките и граѓаните им требаат мерки за заштита на животната средина сега, денеска и за претстојните месеци, откако големите политички одлуки околу референдумот ќе бидат успешно апсолвирани.
Деновиве сме повторно на патиштата, овој пат, во обид да разговараме за поврзаноста на социјалната и еколошката правда, на иста маса со локалните власти, невладините организации и граѓанките и граѓаните. Убави разговори и топло гостопримство во Штип, Гостивар, Куманово, Велес, Битола…
И многу мрачни стории и сведоштва. Слушаме за крајно нечовечните услови за живот на ромската заедница во повеќе градови, за вознемирувачки нискиот квалитет на животната средина, за загаденоста… Едно од најнепријатните сознанија во текот на оваа турнеја е фактот за отсуството на комуникација, иако тоа и не би требало да е некое големо изненадување. Нема доволно добра комуникација меѓу „зеленото“ министерство со локалната власт, на пример, со градоначалникот на Гостивар. Нема комуникација ни меѓу кабинетот на градоначалничката на Битола со невладините организации, а има бројни и итни иницијативи што треба барем да се дискутираат. Нема комуникација меѓу институциите со граѓанките и граѓаните…
„Ја поддржуваме идејата за гасовод, но за тоа ќе бидат потребни години, а нам утре ни се заканува гушење од загадениот воздух“ – ми вели еден долгогодишен активист. Не можам да искажам колку се согласувам со него. И помислувам, да, а тоа се однесува на сѐ друго поврзано со секојдневието, со животот… Здравјето, образованието, безбедноста, животната средина… Потребни се секунди да се загрози или изгуби нечиј живот, а ветувањата се однесуваат на долгорочни проекти, замисли, идеи, планови…
За тоа време, богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Кога седите на тераса од кафуле, просјаци ви приоѓаат на отприлика две-три минути, а црните хроники се полнат со грозоморни стории, секој ден, во сѐ поголем број.
Непријатен е заклучокот дека нема разговор. Нема барем минимално ниво на комуникација во која треба да се види што е најитно потребно. Наместо тоа, куририте не престануваат да врескаат за нешто што токму нивните стопани се најодговорни, а владата, од своја страна, не наоѓа време да се спои со сегашноста. Еден дел од владата (читај: Заев и неговите најблиски соработнции) е фокусиран на иднината што мора да се обезбеди со големата одлука, а другиот дел ја обезбедува иднината преку тендери.
Додека ги пишувам овие редови, низ мислите ми проструи песната од Џони Штулиќ, „Курвини синови“ и стихот „Na strateškim mjestima njihovi ljudi“… И притоа се прашувам, во контекст на зелената нијанса на денешното писание, дали има, вусшност, некакво решение.
Сиромашни сме сега, младите заминуваат сега, опасностите по нашата безбедност и сигурност демнат сега, здравјето се загрозува сега… Сѐ се случува сега, а тој факт не е на агендата на оние што треба да направат нешто – сега. Иднината на сите им изгледа зелена, но сегашноста ни е црна. Дајте воздух!