Ниту на денешната седница на општина Аеродром не изостанаа партиските препукувања помеѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советниците на СДСМ.
Двата небулозни предлози кои беа првите две точки на дневниот ред на седницата на Советот на Општина Аеродром, предложени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа жестока дискусија меѓу присутните, но, за жал, без конкретно решение.
Првата точка од дневниот ред „Предлог-одлука за задолжување на Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за вршење на ревизија на деталните урбанистички планови“, по предлог на советничката група на СДСМ беше преименуван во „Предлог-одлука за задолжување на Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за изготвување на писмен извештај од интерната ревизија на деталните урбанистички планови“. Преименувањето советничката група на СДСМ го образложи со фактот што ревизија за претходно донесените ДУП-ови е веќе изготвена, па затоа само се задолжува одделението да приложи писмен извештај од заклучоците.
Незадоволни од преименувањето на одлуката советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше против својот предлог.
Втората точка од дневниот ред „Предлог-одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови“ не беше усвоена, бидејќи советничката група на СДСМ гласаше воздржано, повторувајќи го ставот на градоначалникот Златко Марин дека мораториумот не е решение туку пролонгирање на проблемот и нагласувајќи дека ќе ја почекаат одлуката на Уставен суд кој по ова прашање ќе одлучува во среда.
Пред гласањето по оваа точка, иако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше неколку пати повикана да го образложи својот предлог, што ќе се постигне со мораториумот и како истиот ќе го реши проблемот со парцелата кај Мајчин дом, која е предмет на расправа изминатите дваесеттина дена, ниту еден од советниците немаше одговор. Наместо тоа, тие продолжија со истата реторика дека сега тие се опозиција, дека политички ја изгубиле битката на последните локални избори и затоа сега владеачката партија, односно градоначалникот треба да изнајде решение или да поднесе одговорност.
Заклучокот од седницата е дека се чека одлуката на Уставниот суд и дека преговорите со инвеститорот продолжуваат.
Маја Ивановска