„Банката за храна е дел од Европската федерација на банки на храна која брои над 1300 членки. Како организација се трудиме на некој начин да создадеме систем што би наликувал на европскиот, но во македонски услови. Преку истиот ќе се обидеме да им помогнеме на оние лице кои се наоѓаат во социјална и економска неповолна состојба. Од тој аспект нашата улога во општеството е да лобираме пред сè кај нашата бизнис заедница, до институциите и јавноста во рамки на своите можности и согледувања да ни доделат храна, која се дистрибуира преку локалните партнер организации“, изјави Душко Христов, директор и финансиски менаџер на Банката за храна.
Христов истакна дека во последниот период собрале и поделиле над 600 тони храна, а меѓу компаниите што се вклучени во донацијата се и Инвирум, која 6 години лебот и лисните производи од претходниот ден ги донира. Само тие обезбедуваат за над 300 корисници низ Македонија дел од дневниот оброк. Бучен Козјак од Куманово, Гранап маркети, кола.мк, Кис Кочани, Ука комерц и други секојдневно низ 11 градови преку локалните организации придонесуваат три оброка дневно за оваа категорија на граѓани.
„Лицата што се претежно сиромашни, а што ние им помагаме се еколошки едуцирани. Кога ние ќе им дадеме еден пакет производи, кои имаат свои опаковки, им укажуваме дека доколку не го соберат ѓубрето од производите што им ги донираме дека следниот пат нема тоа да го направиме. Се разбира, низ шега, но тоа ги замислува. На овој начин го запазуваме социолошкиот аспект, а од друга страна им укажуваме за потребата од грижа за околината во која што тие живеат. Убеден сум дека можеме да успееме до крај да влијаеме, со оглед дека најголем дел од нив се неедуцирани и живеат во зафрлени и рурални делови, граѓани што од својата сиромаштија не излегуваат од дома“, изјави Христов.
Најголемите препреки во нивниот обид да помогнат, според Христов, се институционалните. Како што истакна, тие 7 години се обидувале да дојдат до тие луѓе внатре во институциите што одлучуваат за одредени работи. Пред сè, се работи, како што истакна, за Министерствата за земјоделие, економија и труд и социјална политика што мора да го разберат банкарството за храна.
„Банкарството за храна е посебен тип на систем, филозофија, пристап и помош на социјално загрозените семејства. Имавме голем отпор од тогашните властодршци, но сега вратите полека се отвораат, но сè уште недоволно. Делот кој мора да се реши се народните кујни, бидејќи истите опфаќаат 7% од вкупната популација на кои им е потребна помош. Низ Македонија има само триесетина народни кујни и опфаќаат околу три/четири илјади корисници. Бројката на социјално загрозени семејства приматели само на социјална помош изнесува над 25.000“, изјави Христов.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Владо Крстевски