Како до здрава животна средина?

Со оглед на тоа колку е загаден воздухот во Скопје и очекувањата дека со почетокот на грејната сезона степенот на загаденост ќе се зголеми до опасни нивоа, не случајно се бара одговорност и решенија што ќе ги спроведат институциите, но и граѓан(к)ите на индивидуални нивоа. Важни, ако не и пресудни се мерките што се однесуваат на комуналниот отпад (складирање, селекција, преработка), користењето алтернативни средства за превоз, греењето, односно користењето алтернативни извори на енергија, одржување и зголемување на зелените површини и низа други.

Знаеме дека Македонија сѐ уште е многу далеку од селекција на отпадот, алтернативните извори на енергија се научна фантастика, а зелените површини се мета на уништување, а да не говориме за нивно проширување. Имајќи предвид дека се залагаме за влез во ЕУ, треба да знаеме дека еден од чекорите претпоставува почитување и примена на зелените вредности.

Можеби запознавањето со некои факти за најчистите градови или земји во Европа ќе даде поттик во напорите да се одржи или барем нешто да се примени и во Македонија.

За еден од најчистите германски градови се смета Фрајбург кој е познат како цветен град. Освен по парковите и тревните градини, познат е како град со голем број на улици во кои е забранет пристап на автомобили, со еко-живеалишта, напредните еколошки практики, развиена еколошка свест и со висок стандард за живеење. Граѓаните на Фрајбург се познати во Германија по нивната љубов за велосипедите и рециклирањето. Самиот град е познат по резолуцијата со која на општинско земјиште се дозволува исклучиво изградба на самоодржливи објекти. Сите нови згради мораа да бидат усогласени со одредени спецификации за самоодржливост. Сончевата енергија, освен за обезбедување на електрична енергија и топла вода, се користи и за регулирање на температурата во собите.

Луксембург е можеби една од ретките земји со најчист воздух токму поради строгите законски регулативи. Најголемиот дел од територијата е покриен со густи шуми, урбаните делови изобилуваат со паркови.

На листата на најчисти европски градови за 2018 се наоѓа и Хамбург. Како втор по големина град во Германија се одликува со високо развиена свест за заштита на животната средина. Градските власти планираат да создадат зелена мрежа низ градот најдоцна до 2034 година и драстично намалување на CO2 до 2050 година.

Стокхолм, Шведска, се смета за еден од градовите во Европа што имаат најдобри мерки за заштита на животната средина. Во 2010 година, Стокхолм ја освои Европската зелена градска награда од Европската Комисија, како прв зелен град на Европа. Освен големите јавни зелени површини и квалитетот на воздухот, Стокхолм има многу малку тешка индустрија и добро организиран сообраќај.

Оваа година, Обединетите нации ја прогласија Словенија за најчиста земја во светот. Предностите на Словенија се селектирање на отпадот и негово рециклирање, популаризирање на користењето велосипеди за јавен превоз, автобуси на природен гас и забрана за возење автомобили во центрите на поголемите градови.  Словенија во најголем дел веќе е гасифицирана и се користи природен гас со што се намалува загадувањето.  Предност на земјата е што дури 60% од нејзината територија е покриена со шума.

Индивидуалната еко-свест е исклучително важна, но политиките се пресудни.

Биљана Јордановска

 

Green CIVIL

FREE
VIEW