Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица соопшти дека со завршувањето на референдум 2018 се враќаат со активностите што се однесуваат кон борбата против отворањето на рудникот Иловица.
„Паузата што ја направивме за време на референдумот имаше за цел да ги минимизира потенцијалните обиди за наша инструментализација и манипулација во екот на кампањата. Времето покажа дека ова беше наша исправна одлука поради фактот што имаше неколку неуспешни обиди од повеќе страни да бидеме вовлечени и инструментализирани со некаква политичка цел“, се вели во нивното соопштение.
Од „Здрав котлина“ информираат дека веќе имале информативни собири со граѓаните и ги следеле состојбите на терен.
„Излезноста во општините Ново Село и Босилово беше рекордно најниска од сите избори досега. Но, на што се должи тоа и што тоа значи?… Аналитичките центри на големите партии ова одлично го знаат и чудно е зашто некои се изненадени од ваквите резултати. Можеби истите не сакаат да признаат, но реалноста е јасно видлива и неумолива. Заеднички именител во двете општини е кршењето на дадениот збор дека ќе го сопрат рудникот на смртта, односно по добивањето на гласови на локалните избори почнаа да шуруваат со Еуромакс преку локални функционери и поединци на високи позиции во Владата“, велат од „Здрава котлина“.
Тие нагласуваат дека политичката цена на рудникот Иловица ќе станува уште потешка со тек на времето. Нивната порака до сите политички партии е дека сè додека не се одземе концесијата за рудникот Иловица-Штука, ќе ја немаат довербата на граѓаните во струмичката котлина на избори.
„Струмица и струмичко се сеќаваат на зборовите, но ги гледаат и делата кои произлегуваат од зборовите. Ова се нивните очекувања и тука нема компромис или вин-вин ситуација со домашни или странски трујачи. И нема да има, никогаш, по ниедна цена!“, потенцираа екологистите од „Здрава котлина“.
Б. Ј.