Жителите на Аеродром разочарани од партиските препукувања и лажните ветувања

Вонредната седница на Општина Аеродром за решавање на спорниот ДУП И10 и градење кај Мајчин дом, помина во партиски препукувања и меѓусебно обвинување на советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Златко Марин уште една истакна дека кога претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ го донесе спорниот ДУП И10, тој застана на страната на граѓаните.

„И денеска сум на страната на граѓаните и заеднички бараме решение на проблемите што ги создаде ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Марин.

Првиот дел од седницата помина во духот на обвинувањата и на крај, за да не пропадне и ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ се сложија за формирање на партиципативно тело, во кое претставници од месните заедници, здруженија на граѓани и стручни лица од областа на урбанизмот директно ќе учествуваат во урбанистичкото планирање на општината.

Но, на седницата не се понуди конкретно и трајно решение. Градоначалникот ги извести присутните дека е во преговори со Град Скопје и со инвеститорот и дека во наредните десет дена ќе се знае конечното решение.

Марин остана на ставот дека нема начин поинаку да се реши спорниот ДУП, освен ако Уставен суд не одлучи да го поништи. Тој немал друга алтернатива освен да ја издаде дозволата.

По седницата на Советот, се одржа форум со граѓаните на Општина Аеродром кои ги кажаа своите ставови и предлози за ова прашање. Граѓаните беа видно револтирани од односот на советниците.

На самиот почеток на форумот советничката група на ВМРО-ДПМНЕ замина и не остана да ги сослуша граѓаните иако цело време на седницата нагласуваа дека се на нивна страна.

„Јас сум многу разочарана како ни тече нивото на комуникацијата меѓу двете партии. Се препукуваат и си тераат партиски агенди… Штета ја трпиме ние граѓаните и општината заедно. Јас имам предлог кривична одговорност за сите што гласаат за вакви ДУП- ови. Извинете не може веќе вака, кренал рака затоа што шефот во партијата рекол ова вака ќе се изгради затоа што треба да земам десет стана… И кога некој од вас ќе крене рака за нешто не законски ќе си сноси одговорност и ова препукување веќе да престане…“, изјави една од присутните граѓанки.

„Јасно е дека советниците го изгласале ДУП –от, но советниците гласаат така како што ќе им се наложи партиски. За да стигне до Советот некој треба да го нарача ДУП –от, треба некој да го финансира, некој да го ревидира, на крај да ги добие сите можни одобренија за да стигне до седница на Советот. Но, јас сакам да ги прашам советниците што гласале за ДУП –от што они гледаат проблем во таа зграда… Јас не гледам услови дека градоначалникот може да ја спречи изградбата затоа што според сегашниот закон инвеститорот, за жал, има право да бара одобрение за градба, а општината како и целата држава нема пари да го обештети… бидејќи процедурата за нов ДУП е долга крајно време е да ги ревидирате ДУП – овите и да изработувате нови… Не можете со истите луѓе кои ви ги изработиле овие планови да продолжите да работите и понатаму… Одговорност е поголема на оној што ги потпишал и што ги донел ДУП –овите од оние што ги изгласале затоа што тие не разбираат за што гласаат, гласале политички…“, објасни друга граѓанка, која по професија е архитект.

Сите присутни беа согласни дека мора да се најде крајно решение и да се спречи изградбата кај Мајчин дом, но уште повеќе некој треба кривично да одговара за градежниот хаос во општината.

Биљана Јордановска, Маја Ивановска

Green CIVIL

FREE
VIEW