Бегството на Никола Груевски ја парализира цела држава. Институциите не знаат како да се извлечат од ситуацијата, па одговорноста ја префлаат едни на други како тениско топче. Сите обврски стојат на место, или поминуваат незабележително. Како и да е, нека се договорат меѓусебно кој ќе одговара за пропустот, бидејќи правдата и надежта не смее да биде киднапирана!

Дехран Муратов
Пред извесен период дознав дека во битолски Баир со децении немаат вода ниту за пиење. Иако поминаа десетина дена уште ми се вртат во глава зборовите на една женичка – Тука умираме за капка вода!
На жедните баирчани од второстепено значење им е дали Груевски во женска облека на пат до Унгарија го придружуваа четнички бајонети. Или дека можеби е киднапиран. Или дали Груевски со помош на марсовци и летачка чинија, или со килим како Аладин ја преминал границата… Не е битно, тие од државата го бараат основното човеково право – вода!
Досега сите политичари ги преминуваа жедни преку вода – во буквална смисла. Нивните деца не одат на училиште оти никој не сака да учи и да си игра со нив. „Никој не сака да си игра со валкано дете, кој сака валкано дете“, со насолзени очи вели една очајна мајка која што не може да им пружи безгрижно детство на своите деца.
Болат тие мајчини солзи, болат тие безнадежни погледи…
Секојпат кога ќе одам во кујна да полнам чаша вода, кога се туширам, четкам заби, кога гледам како моите дома перат, готват, мијат садови… ми текнува на тие жители од „Петочна Вода“ кои немаат вода ниту за пиење, чиниш се наоѓаат во некоја африканска земја каде што е луксуз да имаат вода, а не во земја кандидат за влез во Европска Унија. Без вода во ЕУ не се оди!
Локалната власт се правда дека причина за тоа е недомаќинското трошење на водата и дека пред десет години им поставиле водомери, но дека жителите ги продале. Дополителен проблем се и дивоизградените куќи кои не влегуваат во Генералниот урбанистички план на општина Битола…
Факти и оправдувања на институциите имало и ќе има секогаш, меѓутоа и тие граѓани гласаа за промени. Гласаа за да имаат чиста вода, да имаат чешми, а не обично црево кое служи како „селска чешма“ од кое полнат вода во буриња и кофи околу 2 часот по полноќ кога ќе имаат притисок. Во зима веројатно го немаат ни тоа, затоа што минусните температури не дозволуваат, цевките смрзнуваат.
Тие луѓе имаа(т) надеж дека нешто ќе се промени во нивниот живот по падот на Груевски и екс-градоначалникот Владимир Талески. Но, ете и по падот на Талески и Груевски тие жители сè уште немаат вода. Од власт паднаа и ромските лидери кои беа во колаиција со ВМРО-ДПМНЕ, министрот без ресор Неждет Мустафа и пратеникот Амди Бајрам (односно не паднаа само го сменија дресот) и на нивно место дојдоа други лидери, пратеникот Самка Ибраимовски и министерот без ресор Аксел Ахмедовски, меѓутоа и едните и другите ги користат тие луѓе само како гласачка машинерија и број за попис!
Тие граѓани не се бројка, тие се жители на Македонија и не треба да се користат само како статистички пресметки за „рамковни вработувања“, според процент.
Бегството на осудениот Груевски не треба да ја замрзне работата на државните и локалните институции, напротив, сега уште повеќе треба да работат за доброто на граѓан(к)ите, „дури“ и ако се во прашање Ромите од битолски Баир.
Како избегал Груевски и кој е виновен за тоа, треба да се занимаваат одредени институции. Во иднина веројатно некој режисер ќе биде инспириран да направи некој филм или театарска претстава, некој писател ќе напише книга…
Инаку, бегството на Груевски ги засени „информациите“ за состојбата на некој пејач Дарко Лазиќ кој возејќи брзо се превртел со кола (а можеше да прегази некој пешак), а медиумите секој час објавуваа(т) некои нови шокантни сознанија. Исто така информацијата дека Роналдо ја побарал за жена својата долгогодишна девојка Георгина, или дека Моника Белучи се офарбала русокоса, или пак дека кралските снаи ги имитираат балканските и не се поднесуваат една со друга, итн…
Додека сме кај водата, деновиве битолскиот Суд донел одлука дека еден битолски базен треба да му плати 1000 евра на еден Ром за дискриминација, оти не го пуштиле да влезе во базенот.
Ромите кои живеат горе во Баир немаат вода, а доле во центарот на Битола не ги пуштаат во вода (базен).
Едно општество и можности за сите… што беше тоа?