Чистиот воздух сечиј приоритет

Со започнување на сезоната протести против аерозагадувањето, првично во Куманово и Скопје, но и со постојаните алармирања низ Македонија за квалитетот на воздухот, надлежните институции почнаа со преземање на мерки за решавање на проблемот.

Кончено во Битола се реактивираше втората мерна единица за квалитет на воздух.  Инструментот е ставен во работен режим во Автоматската мониторинг станица Битола 2, а податоците од извршените мерења се достапни и на сајтот за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање. Од министерството образложија дека дефектот бил комплексен и требало време за негово отстранување. Денешните мерења покажуваат дека Битола, Гостивар, Тетово и Карпош денеска имаат највисок концентрација на ПМ10 честичките во воздухот.

Сепак, од институциите упатуваат дека веќе се работи на конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во петокот изјави дека се одвоени 1.5 милиони евра од буџетот на Република Македонија за проектот „План за чист воздух“ според кој се предвидува намалувањето на загадувањето на воздухот за 50% во Скопје и од 30 до 50% во останатите градови во следните две години. Истовремено, тој најави дека за 2019 година ќе се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици со тридневна проекција на загадувањето.

Оваа изјава дополнително ги револтираше граѓаните што протестираа во саботата пред Град Скопје. Тие проценија дека 1.5 милиони евра се малку за решавање на проблемот со аерозагадувањето.

„Со износ кој е половина од износот издвоен за нивниот мебел, нашата влада решително ќе се справува со проблем кој убива четири животи дневно. И од ова е евидентен факт дека за нашите претставници поважна е нивната комоција отколку човековиот живот. Нашиот живот тие го вреднуваат поевтино од нивниот мебел“, истакнаа на протестот за чист воздух во Скопје.

Градот Скопје викендот се занимаваше со 3Д мапирање критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало, а како прва локација ја избраа избрана депонијата „Вардариште“.

Дури во медиумите изјавија дека Град Скопје интензивно работи во насока на намалување на загадувањето на воздухот и дека инспекторатот на Град Скопје минатиот месец изрекол двојно повеќе казни во однос на октомври 2017 година.

Протестите за некои поминаа неуспешно со оглед на излезноста на граѓанките и граѓаните, а некои по социјалните мрежи сметаа дека организаторите што се јавуваат со име и презиме на Фејсбук настаните биле припадници на политички партии.

Но, поголем беше бројот на оние што реагираа дека воздухот е ист за сите и загаденоста не бира по партиска или каква друга определба.

Колку и да има вистина дека воздухот сите го  дишеме подеднакво и исто страдаме од неговото загадување, тоа не ги спречува политичките партии да се препукуваат кој повеќе придонел кон неговиот лош квалитет со лошото водење на политики.

Нормално, ВМРО –ДПМНЕ преку своите пратеници во Собранието упати информација за енормното загадување на амбиентниот воздух.

Тие ветија и дека ќе побараат да се одржи и јавна распава во Комисијата за транспорт, врски и екологија во врска со енормното загадување, каде што ќе бидат повикани, граѓански здруженија, еколошки здруженија, експерти и сите останати кои што можат да допринесат за да се спречи влошување на состојбата.

Зошто? Затоа што СДСМ излажале дека ќе го подобрат квалитетот на воздух и дека загадувањето го користеше само за политички поени и дека во ниту еден момент не помислиле да се справат со оваа ситуација.

„Лидерите во лажење, криминалците од раководството на ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошеа парите на граѓаните за да купуваат мерцедеси од близу 600.000 евра за да ги задоволат желбите на криминалецот Никола Груевски. Трошеа и стотици милиони евра на барок, луксуз, споменици и криминални тендери, додека градеа неплански и системски го уништуваа зеленилото“, велат од СДСМ, преку соопштение, а како одговор на ВМРО – ДПМНЕ.

СДСМ нагласи дека борбата со аерозагадувањето стана стратешки приоритет на Владата предводена од СДСМ, за разлика од онаа на ВМРО-ДПМНЕ кога уништувањето на се што е здраво и зелено било приоритет.

И СДСМ потенцираше дека Планот за чист воздух опфаќа 10 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на парно греење, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади семејства со шанса да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 семејства ќе добијат приклучок за гас, засилени инспекции, а ќе се субвенционира набавката на еколошки автомобили.

На општинско ниво, на пример во Куманово, општината почна со метода на аеросолизација, миење на улиците во ноќните часови и зајакнати контроли на терен за казнување на загадувачите и засади 150 садници во две населби.

Еколошките здруженија имаат свои побарувања што одат во насока на конкретни чекори и барања до институциите, а сите граѓанки и граѓани во Македонија бараат да дишат чист воздух.

Но, останува фактот дека сиромаштијата е исто така енормна, па најголем дел од граѓанките и граѓаните, место греење на струја и други еколошки алтернативи, го одбираат дрвото за огрев, кој всушност придонесува кон дополнителното згадување во зимските денови. Емисијата на издувни гасови е уште еден проблем, но со оглед на скапата инвестиција за електрични автомобили, од една страна, и немањето пракса за користење велосипед како алтернативно превозно средство, од друга страна, се сепак на товар на развиената еколошка свест на граѓанките и граѓаните.

Биљана Јордановска

Green CIVIL

FREE
VIEW