Макрадули: „Планот за чист воздух“ за 2 години ќе го намали аерозагадувањето до 50%

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, денеска на прес-конференција го презентираше „Планот за чист воздух“, според кој се предвидува намалувањето на загадувањето на воздухот за 50% во Скопје и од 30 до 50% во останатите градови во следните две години. 

Одлуката на вчерашната владина седница на која аерозагадувањето се утврди како стратешки приоритет за идната година, Макрадули ја нарече „историска“, додавајќи дека истата ја покажува јасно изразената политичка волја и овозможува интегриран и координиран пристап во борбата против загадувањето.

Основното начело на стратешката програма е справување со изворите на загадување, како домашното затоплување, транспортот, индустријата, градежништвото, урбаното зеленило и отпадот. Како приоритетни компоненти се посочени мониторингот, инспекциите, јавните кампањи и законските измени.

„Зошто е ова поразлично? Затоа што има конкретни бројки. Прво, никогаш досега немало ваква програма на Влада. Тоа дава обврска за целата Влада. Добрите пракси не поучија дека оваа работа не ја завршува индивидуалец, нити едно министерство. Второ, овој план има конкретни бројки. Колку семејства да приклучиме на парно, колку на гас, што со ранливите категории, стимулирање на зазеленувањето, како да го дефинираме тоа во сообраќајот, притоа во координирана и интегрирана акција“, рече Макрадули.

Помеѓу мерките кои се предвидени во двогодишниот план се и субвенции за промена на начинот на затоплување на домаќинствата и на возилата во патничкиот сообраќај со поеколошки алтернативи, намалување на ДДВ за испорачаната топлинска енергија од 18 на 5 проценти, промена на начинот на кој државните курирски служби вршат достави на начин кој ќе го намали аерозагадувањето, зазеленување, стимулирање зелени кровови и други мерки.

„Сакам да ве уверам дека ова е вистинскиот пат. Не е наша измислица, туку консултирани се експерти, професори, граѓански организации и иницијативи. Политичката волја е јасно демонстрирана и мислам дека со заедничка соработка, сите овие условно кажано ветувања, ќе ги мериме два пати годишно преку извештај за тоа што е направено“, рече Макрадули.

Програмата ќе се финансира преку посебен фонд, кој првично ќе изнесува 1,5 милиони евра. Макрадули напомена дека покрај овие пари остануваат и средствата од Министерството, меѓународни проекти и донаторска конференција, која е предвидено да се одржи на крајот на оваа година.

Макрадули најави дека во 2019 година ќе се набават комплетно нови инструменти за сите 18 станици за мониторинг на квалитетот на воздухот и тоа ќе се прави со модерни системи за мониторинг и предвидување на квалитетот на воздухот во реално време.

К. С.

Green CIVIL

FREE
VIEW