Рокот за поднесување на нов Извештај за напредокот на Македонија во спроведување на препораките согласно Одлуката на Комитетот за светско наследство истекува на 1 декември.
Од Охрид СОС велат дека тоа е обврска која Република Македонија ја има според истите препораки, а согласно Реактивната мисија на Центарот за светско наследство, и извештајот ќе биде разгледан на 43-та Сесија на Комитетот во јуни, 2019 година во Азербејџан. Тогаш ќе се донесе одлука дали единственото македонско UNESCO добро ќе биде ставено на Листата на светско наследство во опасност.
„Очекуваме во предвидениот рок Владата на Република Македонија јавно да го објави извештајот во целост. А еве што можевме да видиме во изминатиов период.
1. Тампонирањето стана обележје на северното крајбрежје, од излезот од Охрид до огромните површини во Струга, што тампонирано, што бетонирано, разуздано се масакрира брегот и трската. ГрадоначалникотRamiz Merko – Faqja Zyrtare има намера да не остави ни една педа од брегот на Komuna e Strugës / Општина Струга / Municipality of Struga што нема да е под концесија.
2. Нелегалниот хотел во Лагадин не само што стои туку и продолжува, полека но сигурно, да се гради – без дозвола.
3. Се прават планови за голем комплекс од дискотека Парк до Горица 3, на околу 50 hа. Стратегиската оценка за влијанието врз животната средина е едноставно кажано – апсурдна – утврди дека непознати објекти без димензии, број и обем нема да имаат негативно влијание.
4. Нов хотел се издигна веднаш до Хотел Астор, непосредно до брегот. Нови згради низ Охрид на секој чекор, без паркинзи, се уништува постоечкото зеленило.
5. Потпеш и Канео ги испружија бетонските нозе, сплавовите во изворите на Св. Наум се множат повеќе од рибите, кои пак умираат непречено и тоа во стотици килограми на 10 минути пеш од Општина Охрид.
6. Што се случува на полето на контрола на инвазивни видови – нема информација.
7. Нивото на Охридското Езеро е препуштено без надворешна контрола на АД Електрани на Македонија кое продолжи недомаќински да управува со него.
8. Не се воспостави контрола и мониторинг на испустот на отпадните води. Нема никакво поместување во решавање на проблемот со дисфункционалниот и нецелосен колекторски систем.
9. Решавањето на проблемот со водотекот на реката Сатеска е во почетна, планска фаза.
10. Се донесе план за изградба на регионална депонија за југозападна Македонија (територијата на Општина Дебрца) во сливното подрачје на Охридското Езеро.
11. Нова, огромна депонија на градежен шут и друг отпад се создаде на работ на Студенчишко Блато.
12. Во Националниот Парк Галичица и други места постојано наидуваме на диви депонии.
13. Дрвјата во и близу до градот се сечат, без следење на процедурите, без транспарентност, без (верно) образложение или воопшто без одговор. Нови, како што регулира законот, не се засадуваат, санкции нема.
14. Деталните урбанистички планови за 19 урбани комплекси во Старото градско јадро Општина Охрид им ги препушти на Министерство за транспорт и врски.
15. До каде е креирањето на инвентарот на нелегално изградени објекти и евалуацијата на нивното влијание врз доброто – нема информација.
16. Комисијата за заштита на културното и природното наследство на охридскиот регион беше формирана потполно нетранспарентно, без никаква информација до еколошките организации, а сепак во неа се најдоа и преставници од невладиниот сектор.
17. Можноста за нова рута на железничкиот коридор VIII – Кичево – Лин (Албанија), колку што знаеме не се разгледува.
18. Изработка на Мастер план кој ќе ја инкорпорира исклучителната универзална вредност (ИУВ) на доброто на УНЕСКО – непознато.
19. Стратегиската оценка за кумулативните влијанија врз животната средина на подрачјето на УНЕСКО не се изработи.
20. Планот за управување со светското наследство кој требаше да се ажурира до септември, сè уште не го видел светлото на денот.
21. Новата (или ажурирана) стратегија за туризам која ќе ја инкорпорира исклучителната универзална вредност (ИУВ) на доброто на УНЕСКО сè уште не е изготвена“, велат од Охрид СОС.
А. П.