Иницијативата Здрава котлина вчера преку протест во Струмица побара да се стопира изградбата на рудникот Иловица.
Тие од Владата побараа да се одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Ресорсис“. Активистите тврдат дека концесионерот ја нема сета потребна документација за рудникот, а рокот е веќе истечен за нејзино обезбедување.
Од Собранието побараа да се усвојат измените во Законот за металични минерални суровини
„Еуромакс Ресорсис“ реагираше на вчерашниот протест укажувајќи дека тие се отворени за заедничка комуникација со засегнатите страни.
„Еуромакс Ресорсис сака да истакне дека ги поддржува сите невладини здруженија и активности организирани согласно домашната законска регулатива и ја поздравува секоја активност која се залага за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Но, според нас, тоа не мора да биде на сметка на добросостојбата и просперитетот на локалната заедница“, се вели во вчерашната изјава на компанијата.
С. Т.