Свесно убиство

Македонија е најзагадена држава во Европа, а некои од градовите во Македонија се меѓу најзагадените градови во светот.

Мирјана Најчевска

Загаденоста убива.

Кога ќе се случи вакво нешто, се очекува државата да го издигне проблемот на ниво на приоритет кој треба да се реши.

Што значи некој проблем да биде издигнат на ниво на приоритет во една демократска држава?

– Се прават сериозни истражувања, анализи и јавни расправи за да се утврдат сите параметри на проблемот и да се посочат најсоодветните решенија (во врска со загадувањето во Република Македонија тоа значи анализа на загадувањето на воздухот, почвата и водата, изворите на загадување, потребните промени во законите кои треба да бидат направени, заштитните механизми кои постојат или треба да бидат воспоставени, потребните средства кои треба да бидат издвоени).

– Врз основа на овие заклучоци се прават законски промени со кои се обезбедува спречување на актуелната ситуација и превенирање на идни слични ситуации (краткорочни, среднорочни и долгорочни), се предвидуваат ригорозни казнени мерки, се спроведуваат осмислени ограничувања, се предвидуваат стимулации и поддршка, се изработуваат развојни планови со точно определени индикатори за месечно мерење на промената и се издвојуваат сите неопходни материјални средства за остварување на зададените задачи.

– Со цел адресирање на акутната ситуација се донесуваат ad hoc мерки со кои се ограничува работата на сите загадувачи (градењето во градовите се сведува на минимум, се забранува отворање на нови каменоломи а работата на постоечките се преполовува, се прави проверка на сите дозволи издадени за пуштање на погони кои на било каков начин можат да го зголемат загадувањето, се атакува врз сите сообраќајни средства кои можат да придонесат за големо загадување, се зголемува и зајакнува инспекторската служба, …)

Во моментов нема систематски истражувања, нема законски промени, нема ригорозни казнени мерки, нема пари, нема силна инспекторска мрежа, нема намалување на градежни зафати, нема полициски акции против дрвокрадци, нема намалување на бројот на каменоломи.

Затоа има: паушални решенија, привид на контрола, закони кои не се спроведуваат, нови концесии за големи загадувачи, стари камиони и автобуси низ улиците на градовите, лесен увоз на стари автомобили, необезбедена шумска полиција, и вработување на лица со сериозно оштетен вид во инспекторатите (што е единственото можно објаснување за ситуацијата кога тие никако не може да ги видат црните чадови кои се издигаат од отворените и затворени објекти во кои согоруваат гуми, пластика, катран и, според еден мој пријател, стари јоргани).

Тоа што Република Македонија одново и одново е на врвот на најзагадените држави во светот значи дека ниту една владејачка структура не мисли дека загадувањето е приоритетен проблем и свесно ги убива своите граѓани.

Тоа што во актуелните буџетски промени не се предвидени видливо поголеми средства за адресирање на проблемот, значи дека актуелната владејачка структура не мисли дека загадувањето е приоритетен проблем и свесно ги убива своите граѓани.

Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW