Хуманитарниот и еколошкиот аспект на #ЕлкаМК

Твитер заедницата традиционално од 2011 година креира елка за новогодишните празници од пластични шишиња за подигање на еколошката свест кај граѓанките и граѓаните за потребата од рециклирање.

„Самата иницијатива #ЕлкаМК е и доста забавна затоа што се пријавуваат луѓе од различни возрасти. Дури и од другите градови во Македонија праќаат шишиња. Шишињата ги собираме по пунктови низ Скопје, ги складираме, ги делиме по боја и големина. Овие активности се во сабота, а во недела ја правиме елката... Оваа година „Мелем“ архитекти ќе ни помогнат во градењето на елката. Тие имаат веќе проектирано два типа на елки. Едната идеја е елката да биде направена од  1200 шишиња, а другата, доколку собереме толку, од над  3400 шишиња... Голема работа завршува „Пако Мак“ кои на крајот на работата ги собираат шишињата, а парите, со кои ги откупуваат, ги донираме за хуманитарни цели“, вели твитерџиката Мила Тасевска (@mila_la) во разговор со ЦИВИЛ Медиа.

Таа нагласи дека донациите се обично од едукативен карактер, онаму каде што се потребни.

Настанот е предвиден за 22 и 23 декември, сабота и недела. Во сабота со почеток од 11 часот до 14 часот собраните шишиња ќе се остават на следните пунктови: Лептокарија, на коцката пред Ревија, влезот на трговскиот центар Беверли Хилс, ТЦ Бисер, Порта Влае, пред Баду и кај Универзална сала. Во недела со почеток во 11 часот елката ќе се издигне во парк Форум, кај Котур, зад Рекорд.

Твитер заедницата ги поканува сите совесни граѓанки и граѓани да им се придружат и да се приклучат кон акцијата која претставува креативен начин на очувување на средината во која живееме.

Биљана Јордановска

Фотографија: Ангела Петровска

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW