Постигнат договор за чистење на токсичниот отпад во Охис

Владата вчера потпиша Меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги за проекти на ОН (УНОПС) и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка преставувано од амбасадорот на Кралството Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за чистење на токсичниот отпад – линдан – во поранешната фабрика ОХИС, пишува МЕТА.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во изјава за медиумите рече дека идната недела ќе се констутираат телата кои ќе бидат управувачки комитет за решавање на овој проблем.

Тој потенцираше дека чистењето може да се одвива на три начини – со биолошка ремидијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство.

На одговор на новинарско прашање, тој рече дека владата нема информација дека се собрани 9 милиони евра преку Глобалниот еколошки фонд, за чистење прво на малата депонија, а потоа на големата.

Премиерот Зоран Заев изјави дека со потпишување на Стокхолмската конвенција, Македонија е обврзана да го реши овој проблем и дека затоа час поскоро мора да се дислоцира отпадот без последици врз околината и врз граѓаните.

Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, потенцираше дека на Норвешка и е чест да и помогне на Македонија да ги заштити своите граѓани од опасноста што ја претставува линданот.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001,  а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.

Green CIVIL

FREE
VIEW