ЦИВИЛ ќе ја претстави публикацијата „Губење на идентитетот или...?“

Идентитетот и идентитетските прашања се секогаш актуелни во јавниот, академскиот и политичкиот дискурс во светот. Во Македонија, овие прашања се извор на сериозни политички поделби и тензии, особено по историскиот Преспански договор меѓу Македонија и Грција во јуни 2018 година.

За да фрли светлина на овие прашања од низа различни аспекти, ЦИВИЛ го започна проектот „Губење на идентитетот или...?“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Во проектот учествуваат Катерина Колозова, Мирјана Најчевска, Мирјана Малеска, Маја Ивановска, Дијана Тахири, Мерсиха Смаиловиќ, Џабир Дерала, модератор и раководител на проектот, како и уредник на публикацијата, Сашо Орданоски, Љубчо Георгиевски, Петар Богојевски, Ѕвездан Георгиевски, Синиша Станковиќ и Војо Маневски. Нивните видео излагања од истоимениот панел, одржан на 15 ноември.

Една од поентите на проф. д-р Катерина Колозова е дека Договорот со Грција овозможува политичко детерминирање на идентитетот. Нејзиниот фокус е насочен кон членот 7 од Договорот кој овозможува да се користи поимот македонски на неограничен начин.

Професорката д-р Мирјана Малеска, пак, низ еден подолг историјат на спорот со Грција околу прашање за името, заклучува дека сега сме во позиција кога е отворен патот кон нормализирање на односите со Грција.

Низ призма на личното доживување на сопствениот идентитет, Дијана Тахири, ЦИВИЛ, говореше за различните идентитети што низ животот ги носи и со кои се соочува секој поединец.

Мерсиха Смаиловиќ, во активистички и позитивен дух, изјави надеж дека можеме да изградиме општество во кое сите ќе бидеме граѓани на Европа.

Од еден сосема поинаков, современ аспект на опсервација на своевидниот дијалог меѓу традиционалните и современите идентитети, политичкиот аналитичар Сашо Орданоски зборува за односот на новите генерации и нивното доживување кон идентитетот. Тој заклучува дека новите генерации ги надминуваат етничките, националните и верските  идентитети, на сметка на креирање нови, современи идентитети.

Еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски зборува за десетгодишното градење на „античкиот“ идентитет и неговото негативно влијание на добрососедските односи на Македонија.

Петар Богојески, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ и основач на Институтот за одржливо управување Македонија 2.0, зборуваше за економскиот идентитет, кој во принцип треба да го надмине националниот идентитет на државата.

За еден типичен локален идентитет на една заедница, во случајот станува збор за Општина Штип и нејзините граѓани, зборуваше Војо Манески, штипјанец, инаку долгогодишен новинар и уредник.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски преку една културолошка паралела зборува за одредниците на припадноста на една индивидуа кон одреден колектив или во случајот идентитет. За Ѕ. Георгиевски, во контекст на спорот со името, културата и традицијата се далеку побитни во однос на нечија припадност означена со името.

Професорката Мирјана Најчевска зборува за Преспанскиот договор како правна рамка за идните односи меѓу Република Македонија и Република Грција, што отвора врата за едно ново видување на идентитетите, особени од аспект на човековите права.

„Сакам да живеам во држава со сите нишани во која нема да си ги пребројуваме крвните зрнца“, е личниот епилог од долгогодишното преиспитување на сопствениот идентитет на новинарот Синиша Станковиќ.

Наскоро ЦИВИЛ ќе ја претстави истоимената публикација пред јавноста во која дел од споменатите авторки и автори ќе објават свои трудови.

Биљана Јордановска

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW