Џафери: Во 2019 година очекувам правна држава што ќе казнува за енормното загадување

„2018 година беше успешна за Еко Герила и за подобрувањата на воздухот во Тетово. Сепак, очекувањата беа поголеми. Но, треба да сме задоволни со тоа што го добивме. Просечниот годишен досег на Пм 10 честичките во Тетово за 2018 година е 49 микрограми на метар кубен воздух во споредба со претходните години“, изјави Арианит Џафери од Еко Герила, во разговoр со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.

Џафери изјави дека едно од нереализираните барања на општината е јавниот превоз, како мерка за намалување на загадениот воздух.

„Очекувавме почисти улици. Жално е што не успеавме да видиме чистење на улиците низ целиот град, а не само на главните булевари. Очекувавме да видиме поголем прогрес во гасификацијата на Полошкиот регион, имаше и други очекувања, но успехот со намалување на загадениот воздух, упатува дека 2018 беше задоволителна година за нас“, изјави Џафери.

Во 2019 Џафери очекува намалување на просечниот досег на ПМ10 честичките. Според него, најбрз начин за тоа е домаќинствата да го сменат начинот на греење во зимскиот период.

„Потребно е домаќинствата да користат природен гас. Некои би кажале дека е доволно и на струја. Таа би го намалила загадувањето, но производството на струја во Македонија е преку РЕК Битола и преку ТЕЦ Осломеј, што значи таму ќе се зголемува загадувањето и битолчани, пак, ќе ја плаќаат таа скапа цена на нашиот комодитет тука во Тетово. Затоа мислам дека во 2019 година треба да се работи многу поинтезивно на изградба на мрежата за природен гас низ цела Македонија, а особено во Полошкиот регион. Многу е битно да нема сеча на шуми за греење како досега, затоа што околу 90% од населението во Тетово користи дрва за греење… Очекуваме да видиме и малку повеќе правна држава и дека некои загадувачи ќе плаќаат казни, а се надеваме дека некои од нив ќе завршат зад решетки поради енормното загадување што го предизвикуваат“, изјави Џафери.

Обработка на текст, камера и монтажа: Биљана Јордановска
Фотографија: Горан Наумовски

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW