Повеќе ентузијасти, граѓани и жители од Скопје, архитекти и урбанисти, преку инцијативата “Шанса за Скопје” што произлезе од иницијативата „Здравје пред профит“ ќе се обидат да придонесат во спречување на натамошното девастирање на главниот град.
„Иницијативата е поттикната од последните настани каде последното потенцијално парче земја во строгиот центар што можеше да се среди како јавен простор за жителите на градот, паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, се продаде под сè уште до крај неразјаснети околности, на приватен инвеститор“, велат во нивното соопштение до медиумите.
Клучниот аргумент просторот спроти Холидеј Ин да прерасне во парк што ќе биде наменет за граѓаните, а ќе придонесе и во борбата против загадувањето е дека загадувањето се должи и на конфигурацијата на теренот на Скопје во комбинација со стар возен парк, градежна експанзија, греење на дрва, како и бавно прилагодување кон современите стандарди на големите загадувачи, одзема животи.
„“Шанса за Скопје” се бори за нова визија на градот и враќање на достоинството на овие професии. Визија каде потребите на граѓаните, нивното право на чист воздух, квалитетен јавен превоз и достоинствено урбано живеење ќе бидат приоритет. Ќе се врши притисок врз локалните власти да најдат креативни решенија за одржливо финансирање на општините, затоа што сегашното од комунални такси, каде слободниот простор се раздава на приватни компании без да се води сметка за јавниот интерес, е неодржливо на долг рок и директно влијае врз влошување на квалитетот на животот на граѓаните“, велат од иницијативата.
Б. Ј.