пишува: Мирјана Малеска
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]М[/dropcap]оментот на совпаѓање на интересите на големите сили да го обезбедат мирот и стабилноста на Балканот, во кој претходно многу инвестираа, и да го осигураат нивното присуство во регионот, наспроти моќта на Русија, среќно се совпадна со стратешките интереси на нашата земја да стане членка на НАТО и ЕУ. Како што кажа нашиот стар познаник од 2001, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон: „Ѕвездите се наместија за Македонија”.
Подготвувајќи се за оваа дебата препрочитав два разговорa што пред 10 години, како уредник на „New Balkan Politics“, ги објавив на тема македонско-грчкиот спор за името. Тие стојат до денес на веб-страницата на ова меѓународно списание. Накусо ќе се навратам на нив за да разбере нашата јавност, колку тогаш сме биле далеку од компромис и каков голем и одважен чекор правиме денес.
Едниот разговор е со тогашниот претседателот на Хелсиншкиот комитет на Грција, кој беше обвинет за национално предавство, Панајоте Димитрас, познат активист против национализмот и ксенофобијата, а вториот е разговорот со еден од најистакнатите грчки писатели, со либерални погледи, Никос Диму.
Диму го замоливме за интервју откако тој, на неговиот блог го објави текстот со наслов: „Национализмот и се заканува на демократијата во Грција”, а кој бездруго, со сосема мали измени, може да се однесува и на македонскиот национализам.
“Од моето детство наваму, грчката историја личеше на (евтин) вестерн филм, каде Грците секогаш и неизоставно се Добрите Момци. Лошите момци секогаш се менуваа. Имаше закана од Север, потоа од Исток, потоа пак од Север и назад, од Исток. Кога бев дете, зборот Бугарин беше проклетсво поголемо од Турчин. Беше забрането за Грците од Северна Грција да се наречат себеси Македонци. Албанец, тогаш имаше неутрален тон, денес стана закана”.
Панајоте Димитрас , на прашањето, што е суштината на спорот меѓу двете земји одговара: „Грција одбива да прифати дека може да има македонски етнички идентитет било каде, но најважно во рамки на нејзината територија, каде етничките малцинства не се признаени, било да се Македонци или Турци… Грците можат да прифатат Северна Македонија како име на државата, ако двете страни се согласат, но ќе биде многу тешко да признаат дека постои македонски етницитет и јазик, така што не би било веројатно да се очекува дека ќе надвладее разумот.”
Овие денови прочитав дека организацијата на Македонците од Грција, „Виножито“, бара од Владата воведување на македонски јазик во државните училишта и признавање на македонското малцинство. Преспанскиот договор даде уште еден поттик на нивната борба за малцински права, но тоа е нивна борба, не е наша…
Спорот за името го следам од неговиот формален почеток, кога Македонија се осамостои во 1991, по крвавото распаѓање на југословенската федерација и побара меѓународно признавање. Веднаш моравме да се соочиме со реалноста на меѓународната политика, дека сојузите се формираат за да ги штитат интересите на своите членки. Таму каде што Грција членуваше, а тоа беа сите големи и значајни меѓународни организации, како Обединетите нации или Европската заедница, вратите за нас беа затворени. Најголем шок за нацијата, во првите години од самостојноста, дојде од Лисабон. Во Декларацијата од јуни 1992, членките на ЕЗ, зафатени со своите проблеми и без многу разбирање и знаење за нас, изразија подготвеност да нѐ признаат доколку во нашето име не е содржан зборот Македонија! Го надминавме овој страотен удар врз национално достоинство, за подоцна, со посредство и подршка на британската дипломатија, да биде изготвен компромисен предлог, Република Македонија(Скопје), кој влезе во собраниска процедура. Не издржавме во процесот до крај ниту ние, ниту Грците, и по извесна конфузија во надворешната политика на земјата и разидување на нејзините тогашни творци, Македонија беше примена во ОН под привремената референца, FYROM.
Бев во Њујорк во тој момент и ми течеа солзи радосници, а од друга страна, ми стоеше грутка во грлото заради неизвесноста: како ќе се одвиваат понатаму билатералните односи меѓу Македонија и Грција, бидејќи грчките националисти жестоко протестираа пред зградата на ОН. Во 1995 година, во моментот кога се потпиша Привремената спогодба, сѐ уште бев во Њујорк и се израдував кога, за првпат, претставниците на Македонија и Грција си подадоа рака. Сите кои се најдовме во тој момент таму и бевме дел од настанот, се фотографиравме заедно со насмеаниот генерален секретар на ОН.
Значи, од прва рака знам дека спорот беше долготраен, сложен и длабоко емотивен, но во тие први години, тој сѐ уште не беше идентитетски и веројатно доколку бевме доследни, барањето компромис ќе се решеше порано. Меѓутоа, политиката дома отиде во поинаква насока. Иако формално се преговараше, ниту еден политичар – апсолутно ниту еден – без разлика на која партија припаѓаше, немаше намера да биде обвинет за национално велепредавство и продажба на националните интереси, зашто, така сигурно се губат избори, а можеби и глава. Целата тмосфера беше доведена до точка на вриења а писма на закани, до оние што ја водеа државата и надворешната политика, не беа реткост. Впрочем, атентатот врз претседателот Глигоров во октомври 1995 е сведоштво за политичката клима во земјата.
Привремената спогодба со Грција од 13 септември 1995 донесе извесно олеснување, но, кога веќе ги обвинуваме Грците дека не се држеле до спогодбата, треба да бидеме доблесни и да кажеме дека и нашата страна, исто така, не се држеше до своите обврски да бара компромисно решение, туку преку својата дипломатска мрежа, го зголемуваше бројот на земји кои нѐ признаваат под уставното име, со намера да се изврши притисок врз Грција. Оваа политика не ги реши проблемите, особено зачленувањето на земјата во НАТО и ЕУ, туку само ја продлабочи взамната недоверба. Конфликтот со Грција ескалираше со доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ и се преобрази од проблем за името, во чувствителен идентитетски спор, бидејќи нова генерација млади луѓе порасна и се образува врз митот дека сме ние директни потомци на Александар Велики.
Зошто влеговме во конфронтација со Грција, поставувајќи ги темелите на нашиот идентитет на, така да речам, туѓа и непријателска територија? Истакнување на симболите, како знамето од Вергина, спомениците на Александар и Филип, именување на улиците, училиштата, автопатот, спортските сали и други објекти според античките кралеви како Александар, Филип или Аминта II, на пример, за кого немавме поим дека постоел, ниту пак ни беше грижа, е направено со намера да го покаже нашето античкохелинистичко потекло, а со тоа и нашите претензии врз територијата на Егејска Македонија, што за Грција беше крајно неприфатливо.
Зад оваа Великомакедонска претенциозна политика, се собраа сите кои имаа лични мотиви да ја подржат. На пример, еден од советниците на претседателот на државата и мој колега ми рече: „Ќе се трампаме со Грците – ние ним ќе им ја вратиме антиката, кога ќе дојде моментот, а тие нам, името на државата“. Не излезе така. Друг колега, исто така функционер во претходната власт, се смееше дека со антиквизацијата ќе сме привлечеле туристи и ќе сме правеле пари. Тој беше албанофоб и веруваше дека некој вид унија меѓу Македонија и Грција, ќе ни помогне да се ослободиме од Албанците, кои според него, ни биле „камен на вратот“, а патем, ние професорите – баш убаво – ќе сме предавале во Солун! Површно и опасно. Трет колега, близок до власта, ме уверуваше дека треба да избегаме од блиското историско минато, во кое имаме многу заедничко со Бугарите, и преку соодветен социјален инженеринг – да се обединиме како нација околу еден моќен мит – Александар! Погрешно, зашто, да потсетам на зборовите на Дионисиос Соломос, грчки поет од 19 век, нацијата мора да научи да го смета за национално само она што е вистина. А вистина е дека ние сме посебен јужнословенски народ, која говори свој јазик што спаѓа во групата словенски јазици!
Притоа, никој од споменатите интелектуалци и професори не мислеше на цената што треба да се плати за ваква опасна и површна политика. Тие беа со власта, државната каса им стоеше на располагање, добија како награда амбасадорски места и други привилегии, зошто би мислеле?
Кои се последиците на оваа националистичка политика?
Сите ги знаеме, горе-долу. Затоа, сосема кратко: се создаде конфузија околу идентитетот, што значи да се биде Македонец. Општеството се подели на патриоти и предавници. Албанците беа крајно незадоволни од власта која употребуваше кон нив навредувачка реторика и не не им обезбедуваше европска иднина. Од тоа незадовилство се изродија радикални барања и се заостри, до раб на конфликт, внатрешната поделба на прозападни сили, кои во име на иднината, се подготвени на компромис за името со Грција и на оние кои се борат за status-quo и ја имаат подшката од Русија. Земјата предолго остана надвор од НАТО, доведувајќи ја во прашање својата безбедност, во моменти кога на Балканот сѐ уште има политики кои размислуваат за промена на границите. Стасавме до ситуација да се гледаме и други да гледаат на нас, како на земја без иднина, на раб на конфликт од која сите што можат си заминуваат…
Со еден висок грчки дипломат разговаравме на оваа тема. Тој ни беше гостин дома и во пријателска атмосфера рече дека Грција нема проблем со умерени и разумни луѓе: „Ние сакаме да го извадиме на чистина вашиот екстремен национализам и иредентизам“.
Не требаа да го вадат, туку само да чекаат оти тој самиот се покажа. Заедно со еден примитивен антикомунизам, кој го доведе во прашање нашиот базичен идентитет: дека сме млада нација, настаната во еден процес на ослободителни движења, водени најпрвин од историската ВМРО, а потоа од Комунистичката партија, која заедно со другите антифашистички сили во Втората светска војна, создаде македонска држава. Мислам дека никој подобро не ја разбра опасноста од антикомунизмот за националниот идентитет, од писателот и наш пријател, Коле Чашуле. Ќе ги наведам неговите зборови од „Болно племе“ (2000):
„Во овој антикомунизам се беше измешано сѐ: волунтаризам во толкување на историјата, анти-еуфорија, игнорација и над сѐ, енормна глад за власт која се инструментализира како порив кон одмзада… Се закани сериозна опасност дека заено со отфрлање на комунизмот ќе биде доведен во прашање опстанокот на државата и дека ќе се возобнови оспорувањето на нацијата. Оттука, и неизбежниот извод дека главен непријател на антимакедонските заговори, пред сѐ и над сѐ, се токму востанието, НОБ, броците за афирмација на македонската нација, јазик и култура, а не нивниот (каков-таков) комунизам!“
Денес, по 27 години, се враќаме на она што од самиот почеток ни го советуваа нашите пријатели од САД и ЕУ, да постигнеме компромис со Грција. Сега, Договорот од Преспа е тука и со големо олеснување го проследив неговото влегување во собраниска процедура. На прашањето дали со овој договор го губиме нашиот идентитет, со најголемо убедување на човек со искуство и професор, кажувам дека не го губиме, туку го јакнеме! На Грција не и одговара да се приближиме премногу кон Бугарија и поранешниот министер за надворешни работи Никос Козијас тоа отворено го кажа пред својата јавност. Ципрас и Сириза ни подадоа рака, колку од убедување толку и под меѓународен притисок.
„Вие сте Македонци, како што тврдите, со своја држава која се договоривме да се нарекува Северна Македонија, имате своја сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од елинската цивилизација, историја и култура на регионот Македонија во Грција од антиката до денес, а вашиот официјален јазик е македонски, кој спаѓа во групата јужнословенски јазици и не е поврзан, како и останатите одлики, со елинската цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Грција. Под поимите Македонија и македонски, вие и ние разбираме различен историски контекст – тоа го признаваме и прифаќаме. Отсега натаму, ќе бидеме ваши пријатели, во се ќе ви помагаме и ќе ве подржуваме….
“ Намерно се обидов да го парафразирам решението од Договорот, што се однесува на идентитетот, во стилот на Мелијанскиот договор од Тукидит, каде се судираат силата на Атињаните и правото на Мелијанците, бидејќи дел од јавоста кај нас, смета дека само ние сме онеправдани и дека само врз нас е извршен притисок да попуштиме.
Ни одблиску не е така. Кога билатералните спорови, како овој, се закануваат да ја дестабилизираат државата и да произведат конфликт што подоцна не ќе може да се контролира и претставува потенцијална опасност за регионалнниот мир и безбедност, на интервенцијата на големите и моќни држави како САД и други, треба да се гледа со разбирање. Да не ги изумиме лекциите од историјата дека во Руанда, на пример, во 1995, за неколку дена 500.000 луѓе беа убиени и никој не им дојде на тие луѓе на помош. Дипломатите во ОН си доаѓаа и одеа на работа како секој обичен ден. Втор отрезнувачки пример е интервенцијата на НАТО во граѓанската војна во Босна, која исто така беше задоцнета, особено за 7.000 убиени Муслимани во Сребреница.
Кога големите сили, како трета страна, ќе влезат како посредници во спор меѓу две држави, се разбира дека ги притискаат и обете, но обично, ја додаваат својата сила на послабата страна во спорот, за да ја принудат посилната, во нашиот случај – Грција, на компромис. Нас, како држава, ни се додаде таа сила, и не е случајно што грчката опозиција, а особено грчките националисти, врескаат на цел глас дека е направено национално предавство што се допушти да го задржиме името – Македонија, Македонци – за нацијата и македонскиот јазик. Колку до вчера, тоа воопшто не можеше да се замисли. Моментот на совпаѓање на интересите на големите сили да го обезбедат мирот и стабилноста на Балканот, во кој претходно многу инвестираа, и да го осигураат нивното присуство во регионот, наспроти моќта на Русија, среќно се совпадна со стратешките интереси на нашата земја да стане членка на НАТО и ЕУ. Како што кажа нашиот стар познаник од 2001, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон: „Ѕвездите се наместија за Македонија”.
Не ја идеализирам сосојбата произлезена од договорот. Кога ќе се отвори расправа за промена на Уставот, секогаш се јавуваат нови оправдани, а почесто неоправдани барања, па дури и уцени од внатрешни политички актери или од соседните држави, што може понатаму да ја дестабилизираат оваа кревка држава. Сепак, Договорот од Преспа има силни спонзори, САД и ЕУ, така што се надевам, ќе го доведеме до крај процесот на уставни измени, додржувајќи се притоа на нозе. Би било полесно, кога има невреме, да сме обединети, но од опозицијата не доаѓаат сигнали дека е подготвена на соработка. Дебатата со Грците околу прагматичните прашање од Договорот веројатно ќе биде долга и непријатна, но патот кон нормализирање на односите меѓу двете држави – да не гледаме едни на други како закана – е отворен.
Ќе го завршам моето излагање, со неколку зборови на Никос Диму од неговиот есеј „The agony and the ecstasy of being Greek“, објавена во „Гардијан“, кои можат да се однесуваат и на нас.
„Грција е мала земја со огромно его. Нејзиниот народ е оптеретен со историја и митови. Секогаш на врвот на анкетите кои ја мерат националната гордост (97%)…ние се гледаме себеси како избран народ… Судирот меѓу нашето надуено, митско его и грубата реалност е константен извор на депресија. Ние сметаме дека треба да добиеме специјално признавање и третман и ако не го добиеме, се чувствуваме разочарани… Почнуваме да веруваме во конспиративни теории и се чувствуваме предадени….Нашите национални права се извор на иритација… Надворешната политика пристапува комплетно емотивно (Нѐ сакаат или не? Дали се хеленофили или хеленофоби?). Ние сме жедни за признавање, прифаќање и восхит. … Оние кои сметаат дека едноставно грчкиот дух лежи во коренот на победата, се нереалистични. Духот беше секогаш тука во минатото – ама ние постојано имавме поразителен резултат… Ништо не се случува, како резултат само на дух. Но, ако се соедини со рационализмот, Грците можат навистина далеку да стигнат.“
Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.