„Во целост, 2018 ние како синдикат можеме да кажеме дека успешно ја презентиравме нашата синдикална активност. Но, во делот на тоа колку сме успеале во заштита на правата на работниците не можеме да бидеме задоволни во целост. Сепак, за разлика од порано, ние како Конфедерација, како сидикати коишто сме нејзини членови, се соочувавмее со забрана за учество во социјалниот дијалог. Беше забрането да се регистираат синдикати, а сега слободно можеме да се регистрираме во синдикати и да учествуваме во социјалниот дијалог со Министерството за труд и социјална политика, во разговори со одредени министри, претставници на Владата… Се обидуваме да навлеземе и во приватниот сектор иако е малку потешко“, изјави Марјан Ристески во разговор со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.
Ристески истакна дека колективните договори се во фаза на изготвување, но за жал, иако се очекуваше, не се склучија во 2018 година што е можеби резултат на тоа што некои синдикати се скептични кон Конфедерацијата.
„Не можам да разберам зошто е тоа така. Најверојатно низ годините се научени еден синдикат да се претставува како заштитник на ‘работничките права’ и сега не можат да сфатат дека таа лагодност, тоа екслузивно право само тие да преговараат веќе ја немаат. Сега наместо заеднички да се бориме за работничките права наидуваме на пречка кај нив. Сепак, оваа Влада нè прифати како релевантни и успеавме да се наметнеме во тој социјален дијалог и да докажеме дека мора да сметаат на Конфедерацијата на синдикални организации“, додаде Ристески апелирајќи да не помислува дека само со оддредени синдикати ќе потпишуваат колективни договори или ќе го водат социјалниот дијалог.
За 2019 година Ристески очекува да се изгласа новиот закон за работни односи кој е во фаза на изготвување и дека јасно ќе бидат дефинирани обврските на работниците, работодавачите, што значи прекувремена работа…
„Во минатиот период се покажа дека мораше преку тужби да се решаваат одредени прашања на работниците. Се надевам дека новиот закон нема да биде двосмислен. Очекувам сите оние колективни договори, заложби и акти што ги имаме започнато во преговори со Владата, министерствата и јавните претпријатија ќе се финализираат“, изјави Ристески.
Ристески смета дека со своите активности ја оправдуваат довербата на работниците. Според него ниту власта, ниту работодавачите, директори или министри, не научиле дека има некој синдикат што отворено нема да се согласува со нив.
Биљана Јордановска
Камера и фотографија: Ариан Мехмети