Иницијативата „Канцерогено општество“ ги повика граѓан(к)ите на мирен протест против загадувањето, кој ќе се одржи утре пред Собранието на Република Македонија, во 13 часот, потоа ќе упатат и до Владата на Република Македонија.

Тие бараат веднаш да се свика итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот во државата, вклучувајќи експерти, доктори, еколози, еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата, а Владата да ги употреби сите потребни средства за справување со проблемот.

„Бараме вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи. Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решенија кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени. Треба масовно граѓаните да дојдат на протест и секој да придонесе со предлог-мерки за надополнување на барањата за почист воздух“, истакна Христијан Узунов, на прес-конференцијата пред полициската станица „БЕКО“.

Узунов упати апел до политичките партии да не го злоупотребуваат протестот за свои цели, нагласувајќи дека протестот не е партиски, наспроти шпекулациите кои изминатите денови се проширија во јавноста во однос на организаторите на протестот.

Инаку, Узунов во јавноста е познат по организирање на протести против фабриката „Железара“.

Текст: Дехран Муратов
Камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети