Во Собранието со 53 гласа „за“, три „воздржани“ и еден „против“ денеска се донесоа измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, со кои се предвидува да не може да се додели концесија за експлоатација на минерални суровини за постапки со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијаниди или со сулфурна киселина во рудници со отворен коп.
Исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални суровини на веќе постојните рудници.
И покрај големата борба на граѓанските активисти и екологистите со овој закон да се надмине загадувањето од веќе постоечките рудници, со законот се предвидува тоа да важи само за они кои во некое идно време би се отвориле со што не се решава сегашниот проблем.
Сепак, единствената партија што себе се нарекува „зелена“, ДОМ, не пропушти да се пофали дека „собраниската битка“ е добиена и дека по затворањето на Казандол ова е уште еден успех на партијата, заеднички со екологистите.
Да потсетиме, во битката за затворање на Казандол најгласни и можеби единствени кои на дело покажаа дека граѓанските здруженија и иницијативи што неуморно протестираа и апелираа и извојуваа распишување на Референдум на локално ниво во неколку општини во југоисточниот регион.
Б. Јордановска