„Охрид СОС“ му порачаа на в.д градоначалникот првин да се информира, а потоа да обвинува

Граѓанското здружение „Охрид СОС“ излезе со рекација кон в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, кој изјави дека тие  „ненавремено“ реагирале при носење на урбанистичко-планската документација за Лагадин.

Како што велат од „Охрид СОС“, градоначлникот очигледно не се потрудил да се информира за целиот случај, во спротивно ќе знаел дека во Лагадин живеат и охриѓани, како постојани жители, кои не биле известени за носењето на спорната урбанистичко-планска документација,  за која ниту се одржала јавна расправа ниту се одржала јавна анкета.

„Во изјавата велите „кога ќе дојде инвеститор и ќе побара одобрение за градба на постоечки план, јас како градоначалник сум должен да постапам по тоа барање... кога се донесол планот на 50 метра од обала да има таков објект – завршена е работата“. Вистина? Бидејќи пред само две години, поточно на 15 март 2017, советничката група на СДСМ изјави „На вчерашната седница на Советот на Општина Охрид, советниците од СДСМ предложија да се расправа за незаконската изградба на хотелот во Лагадин и да се стопира неговата нелегална изградба.“

Што се смени во овие две години во однос на (не)законитоста на дивиот хотел во Лагадин освен позицијата на вашата партија во локалната власт? Пред да прозивате граѓани со излитеното „каде бевте“, поставете ѝ го прашањето на вашата советничка група во Општина Охрид, само во сегашно време. Законите, господине Георгиески, не се сменија со истапувањето на СДСМ од опозиција“, прашуваат од „Охрид СОС“.

„Охрид СОС“ го потсетија Георгиески и на препораките со конкретен рок од УНЕСКО кои мора да ги исполни општината. Во спротивно и самата власт на чело со СДСМ ќе биде таа што ќе го однесе регионот на Листата на светско наследство во опасност.

„Знаете ли за препораката бр. 9 од Реактивната мисија на УНЕСКО која налага „ригорозна примена на законите и регулативата со цел да се оневозможи какво било понатамошно нелегално градење во рамките на доброто“. Осврнувајќи се на вашата последна изјава, несреќната изјава на премиерот Заев, очајните одлуки за вклопување бесправно изградени објекти во Градиште, мораме да ве прашаме во која насока работите? Во насока на исполнување на обврзувачките препораки на УНЕСКО или во насока на исполнување на ветувањата дадени на вашите бизнис-партнери и партиски финансиери? Знаете, нели, дека не може да ги задоволите и едните и другите?“, се додава во реакцијата.

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW