ЦИВИЛ свири крај за расипништвото и бара укинување на привилегиите

Трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО (#КрајЗаРасипништвото) во организација на ЦИВИЛ, ќе се одржи утре (среда, 5 јуни) во клубот Менада во Стара Чаршија, со почеток во 17 часот. Поканети се сите заинтересирани граѓанки и граѓани, медиуми, политичари и функционери. ЦИВИЛ ги третира еднакво сите, така што нема посебни покани и протокол, туку самото соопштение може да се смета како отворена покана за сите. Нема посебни говорници, туку сите присутни ќе имаат можност да говорат. Претставниците на ЦИВИЛ ќе ги презентираат барањата и ќе дадат вовед во дискусијата, а потоа се очекува учесниците на трибината да ги искажат своите ставови и да предложат решенија врз чија основа ќе се води иницијативата во иднина.

Илјадници граѓанки и граѓани ширум земјата ја поддржаа иницијативата „Крај за расипништвото!“ за укинување на привилегиите на функционерите што ја поведе ЦИВИЛ на 14 мај оваа година. Иако не го спомнаа, ЦИВИЛ го поддржаа и неколку функционери. До ЦИВИЛ веќе стигнаа и повеќе предлози, па дури и подготвен законски текст за регулирање на позициите и статусот на функционерите и административците, што ќе биде споделено со јавноста на самиот настан.

Граѓанките и граѓаните со децении се соочени со една горчлива реалност. Луѓето во институциите на кои им се доверени високи одговорности, животот, здравјето, достоинството, правдата, правата и слободите, манифестираат краен неморал и алчност. Привилегии во какви што уживаат функционерите во Република Северна Македонија ретко каде може да се најдат низ светот, а секако не во развиените демократски држави. Привилегиите што самите функционери ги гласале низ годините, од осамостојувањето на земјата до денес, не се ништо друго освен злоупотреба и расипништво.

Поаѓајќи од регионалните и светските искуства, фактот дека Северна Македонија е сиромашна земја и од основните принципи на доброто владеење, ЦИВИЛ бара да се укинат, односно да се сведат на разумно ниво привилегиите во кои уживаат функционерите, избрани и именувани, бивши и сегашни, локални и државни. Со други зборови, привилегиите во кои уживаат функционерите се вистинско расипништво.

ЦИВИЛ бара да се стави КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО. Според ЦИВИЛ, најголема и самата по себе доволна е привилегијата да им се служи на интересите на граѓанките и граѓаните, да се работи на развој на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи. Не постои и не смее да постои поголема привилегија од тоа!

Барањата за укинување на привилегиите на СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ, избрани и именувани, поранешни и сегашни, на локално и на државно ниво, беа објавени во соопштението на ЦИВИЛ на 14 мај. Организацијата ги достави барањата до Собранието на РСМ на 17 мај 2019 година, во пет минути до дванаесет часот.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да се придружат на иницијативата КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО и да придонесат кон укинување на привилегиите на функционерите, односно нивно регулирање и ставање во разумни рамки, соодветни на можностите на граѓанките и граѓаните.

На 5 јуни, пред почетокот на трибината во 17 часот, уште од 12 часот па натаму, на истата локација, тимот на ЦИВИЛ ќе биде на располагање за изјави за медиумите, средби и консултации со граѓанките и граѓаните чии предлози и документи се добредојдени. Трибината ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страната и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.

Канали на кои ќе се врши директниот пренос на трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО на 5 јуни (среда) со почеток во 17 часот:

CIVIL YouTube
CIVIL Facebook

Контакти на кои може да се доставуваат коментари и предлози:

civil@civil.org.mk
deralla@civil.mk
www.facebook.com/civil.mk


ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ НА ИСТИОТ ДАТУМ

ЦЕЛОДНЕВНО ДРУЖЕЊЕ СО ЦИВИЛ

Организацијата што постојано е во комуникација со граѓанките и граѓаните и ги креира своите програми и проекти соодветно со суштествените потреби за одбрана на човековите права и слободи, повторно во акција, овој пат во Скопје. По бројните посети на општините низ целата земја, ЦИВИЛ повикува на целодневно дружење во Старата Чаршија, среда, на 5 јуни.

Активностите на 5 јуни, ќе започнат со доделување пет награди за граѓанско новинарство во клуб Менада, во 12 часот. Бројот на наградите за граѓанско новинарство доделени во изминатите три години веќе е над 100. Церемонијата ќе ја води Џабир Дерала, а на настанот ќе бидат презентирани петте наградени прилози од граѓанки новинарки и новинари испратени во ЦИВИЛ во изминатите три месеци.

Во текот на попладнето, почнувајќи од 14 часот, тимот на ЦИВИЛ ќе постави инфо штанд на проектот Зелена иднина, на платото пред Универзитетот на ЈИЕ, на влезот во Старата Чаршија, во непосредна близина на клубот Менада. Заинтересираните ќе може да се информираат за проектот и за начините на кои можат да се вклучат во активностите за промоција на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот што се меѓусебно поврзани и неделиви области на кои е посветен проектот Зелена иднина.

Во текот на целото попладне, почнувајќи од 13 часот, заинтересираните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да се среќаваат со тимот на ЦИВИЛ и да поднесуваат предлози за иницијативи, да пријавуваат случаи на кршење на човековите права, да понудат решенија за проблемите што ги засегнуваат граѓанките и граѓаните.

Како и секогаш, медиумите се добредојдени да побараат информации и изјави за сите теми што ги интересираат.

Please follow and like us:

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW