Во пресрет на влегувањето на новиот предлог закон за основно образование во собраниска процедура, ЦИВИЛ ја отвори темата за инклузијата на децата со посебни образовни потреби во рамки на редовното образование. По тој повод зборувавме со Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивното општество „Инклузива“ од Куманово.
„Новиот закон за основно образование е за поздравување и „Инклузива“ како здружение ќе даде напор за промоција на истиот затоа што според нас навистина време беше да се донесе законска обврска децата со попреченост да бидат вклучени еднакво со другите дечиња во редовниот образовен процес“, смета Димитровска.
Таа истакна дека и досега се практивало вклучување на овие дечиња во редовното образование, но родителите одлучувале дали нивното дете сакааат да биде во редовни паралелки, посебни паралелки или во училиште наменето за деца со посебни потреби.
„Постои отпор кај наставниците, постои отпор кај родителите на „здравите“ деца, а најмалку отпор постои кај децата, кај учениците. Тие ги прифаќаат децата со попреченост. Во новиот закон се предвидува ако се влоши здравствената состојба на било кој ученик, независно дали е со попреченост или не, да се спроведува настава во домашни услови додека е потребно што навистина е според европските стандарди. Ние тежнееме за влез во ЕУ, а не се согласуваме за инклузивно образование. Тука мора да има еден процес каде што ќе постои адаптација на училиштето. Најпрвин треба да се направи адаптација на физичката пристапност до сите простории во училиштето…. Има различни видови на попреченост, на вид, на говор, слух, интелектуална, телесна попреченост, а инклузија подразбира дека не смее да има дискриминација по ниту еден основ, ниту по видот на пореченост. Во законот мислам дека се предвидува до 2023 да се спроведува процесот на адаптација и вклучување на децата со попреченост во редовно образование… Второто нешто што треба да се направи е обука на наставниот кадар. Постои голем отпор кај наставниците да имаат дете со попреченост во нивната паралелка со оправдување дека им одземаат време и неможат да работат со другите ученици“, изјави Димитровска.
Законот, исто така, предвидува Бирото за образование да подготвува унифицирани програми по кои ќе се работи со децата со попреченост што предвидува дека со стандардизирана програма образовните тимови ќе мора да подготвуваат индивидуални планови за сите деца, а не само за децата со попреченост според нивните можности, способности и потреби за понатамошен развој.
„Можеби овој закон не е идеален и ќе треба извесни промени до негово донесување, но е многу подобар од досегашниот…. Ние сме таков народ, ако не постои казна, не ги почитуваме законите. Кога тоа ќе профункционира брзо ќе се одвива процесот… Треба веќе да се размислува средствата од буџетите од општините или училиштата да се за оваа намена, а не за промоција на некого што ќе направи нешто што не е функционално и потребно за сите“, истакна Димитровска.
Таа вели дека се ратификуваа неколку конвенции со кои државата се обврза дека децата со попреченост и лицата со попреченост ќе имаат еднакви права со останатите, но многу малку се направи и мора тој процес да се интензивира за да се постигне инклузијата за која сите зборуваме.
Биљана Јордановска
прочитајте повеќе:
https://civilmedia.mk/inkluzijata-megu-deklarativnosta-i-realnosta/
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.