За речиси да нема загадување со ПМ честици од возилата, кои сега емитуваат околу 4 отсто од овие честици во Скопје, и да се намали загадувањето со други штетни гасови до 2025 година, скопјани би требало да потрошат околу 686 милиони евра за замена на возниот парк, стои во студијата „Транспортот во Скопје реалност и предизвици“ објавена од МАНУ во ноември лани. Собраниската Комисија за економски пашања во вторникот го прифати предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој воведе еколошки налепници за возилата. Налепниците не се задолжителни, предвидуваат законските измени, но возила без зелена маркичка ќе имаат забрана за движење во денови со големо загадување на воздухот.
Според студијата, сообраќајот во Скопје во 2015 година учествувал со 80 отсто од емисиите на азотни оксиди, 20 отсто на јаглерод мпноксиди и со 4 отсто во емисиите на ПМ честички.
„Иако транспортот најмногу учествува во емисиите на Nox (азотни оксиди), вкупно измерените концентрации на NO2 во 2015 година (од сите извори) не ги надминуваат дозволените гранични вредности за заштита на здравјето на луѓето. И покрај тоа, потребно е да се оди во насока на промена на возниот парк со замена на дизел возилата (како најголеми емитери на NOx во транспортот ) со хибридни или електрични, што е предложено како мерка во оваа студија.“
Со сценарио „Движење во вистинска насока“, кое предвидува низа предложени мерки, според МАНУ, во 2025 година емисиите на загадувачки супстанци би се намалиле во однос на денешните за 89 отсто во ПМ честичките (од 4 на 0,44 отсто), 9 отсто во емисиите на јаглерод моноксид и 63 отсто за азотните оксиди.
„За да се реализира сценариото ‘Движење во вистинска насока‘ потребно е да се потрошат дополнителни 686 милиони EUR споредено со сценариото ‘Исто како сега‘.Ако овие дополнителни вложувања се сведат на годишно ниво, излегува дека секоја година треба да се инвестираат дополнителни 85,7 милиони EUR. Најголем дел од овие средства треба да дојдат од приватните и физичките лица. Овде повторно треба да се потенцира дека дополнителните вложувања не значат и повисоки трошоци, затоа што вкупните трошоци во времето на експлоатирање на возилата во сценариото ‘Движење во вистинска насока‘ споредено со сценариото ‘Исто како сега‘ се пониски“, стои во студијата.
Со дополнителни анализи направени за студијата, „ со електрификација на секторот транспорт, до 2025 година може да се отворат околу 230 дополнителни работни места од кои најголем број во инфраструктурата. Исто така, пресметано е дека со реализацијата на сценариото ’Движење во вистинска насока‘ бројот на смртни случаи ќе се намали за 7 и воедно ќе се овозможи намалување на бројот на болни од разни заболувања предизвикани од штетните PM емисии“.
Меѓу мерките кои за тоа треба да се применат се промена на методологија на утврдување еколошка такса, зголемување на цена на дизелот, субвенции од 5.000 евра за електрични и 2000 за хибридни, или околу 10 милиони годишно, забрана за увоз на возила постари од 8 години, контроли на издувни гасови и казни. Такси-возилата треба да се заменат и да станат 60 отсто електрични и 40 отсто хибридни, треба да се намали учеството на дизел автобуси во градскиот превоз и да се воведе еколошки налепници за возилата, стои во студијата.
Според податоците од студијата, во 2016 година во Скопје биле регистрирани околу 36 отсто од возилата во земјава. Околу 22 отсто биле возила на правни лица. На дизел возеле малку повеќе од една третина од автомобилите, повеќе од две третини од товарните возила и 90 отсто од автобусите.
„Во Скопје, во 2016 година 39 отсто од патничките автомобили, дури 63 отсто од лесните товарни возила и 44 отсто од автобусите имаат EURO4 или повисок стандард. Од друга страна, 40 отсто од тешките товарни возила имаат стандард понизок од EURO1 (кој е воведен во 1992 година)“, наведува студијата.
Игор К. Илиевски