Еколошките налепници на автомобилите можат да влијаат на помалку од 0,38 отсто од загадувањето на воздухот

пишува: ИГОР К. ИЛИЕВСКИ

Забраната за движење на автомобили без еколошка налепница може да влијае на помалку од 0,38 отсто од загадувањето на воздухот со вкупни цврсти честички, покажува споредбата на податоците од неколку државни студии.

Собраниската Комисија за економски прашања во вторникот прифати четири од 13 амандмани на  текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила. Со нив се отфрли предвидената обврска возилата задолжително да подлежат на еколошка категоризација според степенот на загадување, но се воведува забрана за управување на некатегоризирани возила, или возила без зелена налепница, во зони што при зголемено загадување ќе им бидат забранети за движење. Во деновите кога локалните власти ќе прогласат таква забрана, во тие зони ќе може да се движат само возила со зелена маркичка.

Сообраќајот учествува со нецели 2 отсто во вкупното загадување со цврсти честички ПМ 10 и ПМ 2,5, стои во Планот за чист воздух, што Владата го усвои во ноември лани, со најава дека за две години ќе го преполови аерозагадувањето во Скопје, а за третина ќе го намали во другите градови. Истите податоци се наведени  и во последниот Годишен извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина, објавен на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, но и во другите слични документи. Според податоците, сообраќајот учествува со 3,5 отсто во емисиите на ПМ 2,5 и со 1 отсто во загадувањето со ПМ 10, или со вкупно 1,9 отсто во испуштањето на вкупни цврсти честички (Total suspended particles - ТСП).

Загадување, Скопје. фотографија: Џ. Дерала/ЦИВИЛ

„Се очекува дека уделот на сообраќајот во емисиите на цврстите честички би се зголемил при примена на национални емисиони фактори за пресметка на емисиите од кочење и абење на гумите на автомобилите, но не се очекува дека сообраќајот би станал и клучен извор во емисиите на овие загадувачки супстанци. Oвој сектор и покрај тоа што има низок удел во вкупните емисии на национално ниво има значително влијание врз измерените концентрации на локално ниво. Сепак, останува фактот дека доминантната примена на дрвата за затоплување на домиќинствата како и непримената на најдобри достапни техники за редукција на емисиите во големите термоелектрани придонесуваат овие извори да се најдоминантни во емисијата на прашина на национално ниво“ стои во последниот Годишен извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина, објавен на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

И во Скопје, сообраќајот произведува околу 4 отсто од ПМ 2,5 честиците, покажува студија на МАНУ презентирана на конференцијата „Загадување во градовите на Република Македонија: кои се решенијата?“ во ноември лани.

Но, главната вина во испуштањето на ПМ честици лежи во дизел-возилата. Тоа, пак, уште повеќе го намалува учеството на патничките автомобили во загадувањето со овие честици.

Според податоците на Државниот завод за статистика, околу половина од автомобилите возат на дизел, но ова гориво го користат повеќе од 90 отсто од автобусите и камионите. Осумдесет отсто од дизелот што се продава во земјава го трошат автобусите и камионите, се посочува во Националниот план за заштита на воздухот 2013-2018, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според овие податоци, од нецели 2 отсто учество на сообраќајот во емисиите на цврсти честички (ПМ), на камионите и автобусите, според потрошувачката на дизел, отпаѓаат 1,52 отсто, а останатите 0,38 остануваат на сметка на сите дизел автомобили во земјава.

Прашањето за ефикасноста на еколошките налепници беше поставувано многу пати во расправите за законските измени. На последната расправа, и заменик-министерот за економија Кире Наумов се согласил дека мерката нема да го реши загадувањето, но нагласил дека во секој случај ќе придонесе во негово намалување.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

фотографии: Роберт Атанасовски

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW