Инклузијата меѓу декларативноста и реалноста

пишува: МАЈА ИВАНОВСКА

На 9 јули, на владина седница, беше усвоен текстот на предлог законот за основно образование, кој е доставен на усвојување во Собранието. Во новиот предлог закон е вклучена и сеопфатна стратегија насочена кон инклузивен образовен систем за сите ученици со попреченост.

Токму инклузијата е онаа којашто ја разбранува јавноста. Дел од експертите ја поддржуваат идејата, но дел од нив сметаат дека во овој и ваков општествен и образовен систем во земјата таа е едноставно невозможна и може да се покаже како контрапродуктивна.

За тоа кои се предностите, а кои се слабостите на новиот предлог закон, дали образовниот систем е подготвен за целосна инклузија, дали општеството е подготвено, кои се приоритетите кои мора да се остварат во насока на имплементирање на оваа идеја зборувавме со професорките Јасмина Трошанска и Мирјана Најчевска.

ИНКЛУЗИЈАТА НИТУ ПОЧНУВА НИТУ ЗАВРШУВА СО ОБРАЗОВАНИЕТО

Професорката Трошанска нагласува дека инклузијата подразбира вклучување на лицата со попреченост во општеството, додавајќи дека за да може да се подготват треба да се започне со работа од моментот кога се откриваат.

„За децата што се откриваат на рана возраст и имаат некаква попреченост, потребно е да преземеме секакви мерки за да ги вклучиме во предучилишните установи. Затоа што таму започнува инклузијата. Таму децата ги градат своите ставови. Подоцна, тие деца ќе бидат подготвени за да ги вклучиме во редовниот систем на образование. Денес сме сведоци дека голем дел од овие деца се исфрлени од градинките. Има голем број на деца коишто не се прифатени заради тоа што учителките не можат да се справат. Затоа што имаат преголем број на деца. Ако такво дете коешто не посетувало градинка го вклучите веднаш во основното образование тоа ќе биде вистински шок“, смета Трошанска.

Професорката Најчевска, пак, инсистира на тоа дека мора да се разбере дека училиштата не функционираат како издвоени единки во заедницата.

„Заедницата е таа којашто треба да го поддржува училиштето. Идејата на инклузијата е токму тоа, дека не се справуваат наставничките сами во училиштето, туку тие добиваат неверојатно голема поддршка од целата заедница. Тоа значи дека секое дете со попреченост автоматски е поддржано од посебни ресурсни центри коишто даваат поддршка со посебни дефектолози или стручна и експертска помош која им е потребна, медицинска помош, помош од невладините организации и секако поголема вклученост на родителите. Тука не станува збор за тоа да го фрлиме детето со попреченост во училиште и да кажеме еве ви го правете со него што сакате. Туку да изградиме цел систем на поддршка и за самото училиште, и за самиот наставник, и за сите деца во одделението во коешто се наоѓа тоа дете и за самото дете“, вели Најчевска.

ПОТРЕБНО Е ДА СЕ СПРОВЕДЕ МЕЃУНАРОДНАТА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ФУНКЦИОНАЛНОСТИ

Најчевска, исто така, смета дека во Законот мора да влезе апсолутната инклузија како нешто коешто подразбира почитување на она што претставува еднакво право на образование на сите деца.

„Тоа не е поврзано само со децата, туку, претставува градење на општество во коешто ние ја препознаваме различноста. Затоа што од тука почнува тоа препознавање. Јас би препорачала во законот да влезат многу ригидни, многу строги норми, со коишто ќе се импутира инклузијата во заедницата. Сето она што ќе се прави понатаму е да се наоѓаат начини за како тоа да се овозможи“, вели Најчевска, инсистирајќи на тоа дека дури 98% од децата со попреченост можат и мораат да се вклучат во редовниот образовен систем.

Професорката Трошанска, пак, вели дека постојат деца со комбинирани попречености, коишто ако правилно се проценат, ќе се дојде до заклучокот дека тие не можат да се снајдат во средината и редовните училишта, но сепак мора да се изнајде начин на кој тие ќе се образуваат и ќе посетуваат некаква средина којашто ќе ги едуцира и максимизира нивните способности.

„Значи, прво и основно, почна да се прави таа меѓународна класификација на функционалности, за сите деца со попреченост да се проверат функционално. Кога кажувам сите, тоа значи сите! Прво треба децата да се избројат. Ние во Македонија немаме никаква евиденција колку лица со попреченост има и колку од нив се деца. На пример, јас не знам дали Министерството има податоци колку првачиња со посебни потреби ќе се појават во септември. Тоа е неопходно, за да знаеме да ги предвидиме капацитетите. Замислете, ако се појават во редовно училиште преголем број на деца, а нема дефектолог. Многу од училиштата имаат само педагог или психолог, некои имаат дефектолог и некои имаат општински дефектолог. Значи немаме кадар. Она што е најважно е да се избројат, да се евидентираат и тоа по функционалност, колку деца има и каква попреченост имаат, односно каква потреба имаат. Во инклузивното општество ние нема да ги гледаме нивните недостатоци, туку кои се нивните јаки страни. И потоа децата се ставаат на соодветно место, во соодветен сетинг на образование“, смета Трошанска.

ЛОШИОТ ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ СОЗДАВА ПРОБЛЕМИ КАЈ ДЕЦАТА

Ние, како општество, градиме образовен систем што е непријателски настроен кон децата, смета Најчевска, потенцирајќи дека според многу мерења и истражувања се покажало дека ние имаме многу агресивни деца во образованието.

„Деца што не знаат што е дисциплина, кои не ги знаат границите на однесувањето, кои немаат елементарна, општа култура на меѓусебно однесување. Целиот наш образовен систем е многу лош. Тој е лош и за децата што немаат некој посебен проблем. Односно, ние создаваме проблеми кај децата кога ќе влезат во образовниот процес. И сега, ако ги внесеме и децата што имаат попреченост, прашање е како ваквиот образовен систем ќе се одрази на нив. Меѓутоа, тоа е нешто што треба да го перципираме, да го идентификуваме и да најдеме начин како да изградиме образовен систем кој ќе биде добар за сите деца, и за децата со попреченост и за децата без посебни проблеми“, вели Најчевска.

Целта на образованието е да ги подготви граѓаните, односно лицата со посебни потреби и сите други деца коишто се од невротипичната популација, за да бидат спремни да придонесуваат во општеството, но ние имаме сосема поинаква слика, смета Трошанска.

„Нашето образование се наоѓа во криза, каде што голем дел од децата по завршувањето на образованието се неподготвени. Кога ќе завршат основно образование многу малку од нив се спремни за средно образованите, па оттука голем дел одат во гимназии, а многу малку во стручните училишта. Децата со попреченост, пак, скоро и да не посетуваат средно училиште. Многу често се водат дека посетуваат, меѓутоа не посетуваат. Голем дел од оние деца со попреченост коишто посетуваат редовно образование, кога училиштето не може да им излезе во пресрет на потребите, ниту детето може да се справи со околината, многу често овие деца се зависни од персонален асистент и седат во училиште само по два до три часа. Тоа не е образование. Тоа е водење на бројка!“, децидна е таа, истакнувајќи го фактот дека инклузијата подразбира носење на сервисите коишто се потребни за детето со посебни потреби во средината во која се наоѓа.

ШТО МИСЛАТ ГРАЃАН(К)ИТЕ?

Иако постои желба меѓу граѓаните за инклузивно образование, сепак, постои и скептицизам околу тоа колку државата и образовниот систем имаат капацитет да го имплементираат понатаму. ЦИВИЛ Медиа разговараше и со граѓанките и граѓаните во Велес и Скопје, кои беа поделени во ставовите дали е потребна или не целосна инклузија во образованието или не.

„Мислам дека е одлично и дека сме подготвени за ваков чекор“, „Мислам дека можат да учат заедно. Со поголемо внимание кон нив ќе можат да го постигнат посакуваниот успех“, се дел од одговорите на велешан(к)и.

Сепак, имаше и одговори што сугерираа дека потешко ќе оди целиот процес на инклузија и дека тоа ќе биде на штета на децата со посебни образовни потреби. Имаше и одговори во кои е содржана дискриминирачка и навредлива терминологија за лицата со посебни потреби, како „хендикепирани кои треба да имаат посебна настава“, „инклузијата зависи од степенот на ретардација“ и слично.

„Добро е тоа, но сепак треба да бидат посебно. Ќе се задеваат цело време. Другите деца ќе ги зафркаваат“, изјави еден граѓанин.

За разлика од анкетата што ЦИВИЛ Медиа ја направи во Скопје, каде проблемот граѓаните го гледаа во неспремноста на државата да го имплементира законот до крај, велешани генерално, барем оние кои беа анкетирани, сметаа дека проблемот е во самите деца кои нема да се вклопат во редовниот образовен систем.

ДЕКЛАРАТИВНО СМЕ НАПРЕДНИ, НО АКО ЗАГРЕБЕМЕ ПОД ПОВРШИНАТА ЌЕ ИЗНИКНЕ НЕВЕРОЈАТНО ГОЛЕМ ОТПОР

„Јас се радувам дека нештата се движат напред. Но за да можеме побрзо да одиме напред мора да носиме разумни решенија“, вели професорката Трошанска. Таа смета дека нашето општество не е комплетно спремно и дека сѐ уште се носат неразумни решенија, па дури и дека луѓето си дозволуваат да навредат некого и да го повредат.

„Ние сѐ уште сме нација којашто знае емотивно да се контролира. Ние сѐ уште имаме неконтролирани емоции и многу лесно избувнуваме и во тие моменти кажуваме сѐ и сешто. Ние сѐ уште имаме луѓе коишто користат терминологија којашто ги навредува. Имаме луѓе коишто кога ќе видат лица со попреченост на улица го гледаат чудно. На пример, некои му се смеат, некои го гледаат заради тоа што им е тажно, некои сочувствуваат, некои мислат дека тоа е заразно, некои се плашат дека нивното дете може да биде повредено од детето со посебни потреби. Ние сѐ уште немаме доволно информации за сето тоа. Не сме доволно развиени. Меѓутоа, добро е што нештата почнуваат да се случуваат. Но за да се случуваат правилно треба да носиме разумни решенија. Бидејќи во вакви ситуации родителите на децата со посебни потреби и децата со посебни потреби најмногу ќе страдаат, доколку ние погрешиме. Сите ние ќе разговараме, денес ќе се скараме на оваа тема, утре на друга тема. Но таа тема за нив е вечна“, заклучува Трошанска.

Со сличен став е и професорката Најчевска која вели дека кога станува збор за инклузијата не смееме да се препуштиме на она што претставува општа перцепција и општ став, туку да се најдат системски решенија со кои инклузијата ќе се наметне, затоа што само на таков начин можеме да градиме систем кој ќе биде еднаков за сите.

„Јас не верувам дека родителите на децата коишто немаат попреченост се спремни да прифатат инклузивност во училиштата во коишто одат нивните деца. Многу често тие родители даваат социјално посакувани одговори, декларативно сакаат да се претстават дека се многу напредни, полни со разбирање и слично. Меѓутоа, само малку ако се загребе ќе се види дека тие имаат неверојатно голем отпор којшто е карактеристичен за некои примитивни општества во коишто попреченоста е казна божја и дека децата и луѓето со попреченост треба да се кријат, треба да се тргаат од окото на јавноста“, вели таа.

ТЕЖНЕЕМЕ КОН ЕУ, А ДАВАМЕ ОТПОР ЗА ИНКЛУЗИВНО ОБРАЗОВАНИЕ – ТОА МОРА ДА СЕ ПРОМЕНИ!

За тоа дали како општество сме подготвени за тотална инклузија зборувавме и со Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузија“ од Куманово.

Димитровска го поздравува новиот закон за основно образование, истакнувајќи дека како Здружение тие ќе дадат напор за промоција на истиот затоа што според нив е крајно време да се донесе законска обврска децата со попреченост да се вклучат во редовниот образовен систем еднакво со другите деца.

„Постои отпор кај наставниците, постои отпор кај родителите на децата кои се со типичен развој, а најмалку отпор постои кај децата, кај учениците. Тие ги прифаќаат децата со попреченост. Во новиот закон се предвидува ако се влоши здравствената состојба на било кој ученик, независно дали е со попреченост или не, да се спроведува настава во домашни услови додека е потребно што навистина е според европски стандарди. Ние тежнееме за влез во ЕУ, а не се согласуваме за инклузивното образование. Тука мора да има еден процес каде што ќе постои адаптација на училиштето. Можеби законот не е идеален и ќе претрпи дополнителни промени, но е многу подобар од сегашниот. Ние сме таков народ, ако не постои казна, не ги почитуваме законите. Кога ќе профункционира тоа брзо ќе се одвива процесот“, смета Димитровска, потсетувајќи на тоа дека државата веќе ратификува неколку конвенции со кои се обврза дека децата со попреченост и лицата со попреченост ќе имаат еднакви права со останатите.

Како функционира инклузијата во реалноста?

Пред една година, ЦИВИЛ Медиа работеше на сторија за Виктор Тошевски, тогаш матурант во Државниот музичко балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“, денеска бруцош на Академијата за аудио визуелни уметности.

Виктор е роден со оштетен вид, но и покрај многубројните секојдневни препреки не се откажа од својата најголема желба да стане музичар. Кога се запознавме со него тој речиси и да немаше никакви услови за работа во средното музичко училиште. Покрај тоа, Виктор немаше ниту превоз како сите останати ученици. Имаше еден бесплатен средношколски билет, но само еден. Можете да замислите како ученик со оштетен вид може да се вози во некој од автобусите на јавниот превоз? Покрај тоа Виктор немаше ниту асистент. Единствениот придружник беше неговата мајка која беше лишена од можноста да работи и заработува, само за да може да го оствари сонот на своето дете и притоа мораше сама да си го плаќа превозот.

Иако, многупати, од моментот кога се запишал во училиштето му било ветено дека ќе му биде обезбедена соодветна опрема тоа не се случи. Барем не до оној момент кога неговиот професор по хармонија, Дамјан Темков, револтиран од тоа што се случува со еден од неговите најдобри ученици не се обрати до ЦИВИЛ за помош. Откако сторијата за ЦИВИЛ предизвика реакции од јавноста, училиштето веднаш успеа да му обезбеди компјутер со посебни програми кои му овозможуваа да ја следи наставата соодветно на неговите потреби. А помошта беше оправдана. Виктор беше прогласен за најдобриот ученик во својата генерација.

Приказната за Виктор е само една мала илустрација за тоа како нашето општество се однесува не само со децата со посебни потреби, туку и со талентираните и напредни ученици. Затоа кога се изготвуваат вакви закони мора да се работи систематски и постепено. За да можат да бидат опфатени сите деца.

ШТО СЕГА?

Многу е важно оние кои ќе ги носат одлуките во наредниот период да ги земат предвид сите лица со попреченост и да донесат разумни решенија кои ќе бидат во корист, а не на штета на оние за кои всушност и се наменети овие промени.

За да имаме инклузија во вистинска смисла на зборот мора да гледаме на јаките страни на лицата со попреченост, наместо на нивните недостатоци и во зависност од тоа да се определи каков вид на настава е најдобра за секое дете поединечно.

Она што е најважно, и што го нагласуваат и нашите соговорнички општеството може да има поделени ставови околу некое прашање, но лицата кои се соочуваат со овие проблеми се последниот глас пред да се донесе заклучок. Сепак се работи за нешто со кое тие живеат секојдневно.


Темата ја подготвија:
Маја Ивановска (интервју со Јасмина Трошанска и Мирјана Најчевска)
Биљана Јордановска (интервју со Благица Димитровска)
Биљана Јордановска, Ангела Петровска, Aриан Мехмети (анкети)
камера: Дехран Муратов и Ариан Мехмети
фотографија: Ангела Петровска
монтажа: Биљана Јордановска


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

 

 

 

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW