Промоција на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот во Полошкиот регион

Во тек е турнејата на тимовите на ЦИВИЛ низ цела Северна Македонија. Тимовите се составени од членови на Редакцијата ЦИВИЛ Медиа и организациската единица Зелен ЦИВИЛ. По динамичната агенда на организацијата во Вардарскиот и Скопскиот плански регион, на 23 јули 2019, ЦИВИЛите работеа во пет општини на Полошкиот регион, поточно Гостивар, Врапчиште, Тетово, Теарце и Јегуновце. Ова е само една од летните теренски турнеи што се спроведуваат на различни теми, во проектите на организацијата. Проектот „Зелена иднина“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел (регионална канцеларија во Сараево) вклучува директна комуникација со граѓаниките и граѓаните за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.

На инфо-штандовте на ЦИВИЛ граѓанките и граѓаните имаа можност да се запознаат со поврзаноста на овие три области од нашето општествено дејствување.

Теарце, 23 јули. Фотографија: Џ. Дерала/ЦИВИЛ

Во Гостивар, ЦИВИЛ имаше средби со претставници на граѓанското општество, со своите членови, поддржувачи и соработници, како и со градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари. Анкетираните граѓанки и граѓани зборуваа за национализмот и за нивото на грижата на Општината за животната средина и одржувањето на јавниот простор.  Со градоначалникот Таравари разговаравме за политичките процеси и настани, за проблемите на релација локална и централна власт, за транспарентноста и одговорноста, изборните процеси и односите меѓу етничките заедници.

Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар. Фотографија: А. Мехмети/ЦИВИЛ

Во Тетово, граѓанките и граѓаните во комуникација со тимовите на ЦИВИЛ, го изразија своето незадоволство и крајна разочараност од градоначалничката Теута Арифи и од локалната власт, особено во однос на заштитата на животната средина, регулацијата на сообраќајот, уништувањето на парковите и негрижата за природните ресурси што економски можат да му помогнат на градот, а во овој период само дополнително се уништуваат. И пред камерата на ЦИВИЛ Медиа и во контактите со тимот на ЦИВИЛ, повеќе граѓанки и граѓани на Тетово го споменаа големиот проблем со урбаната мафија.

Тимовите на ЦИВИЛ споделија печатени материјали во кои накратко се опишуваат зелените вредности и поврзаноста со социјалната правда и антинационализмот, како и повикот за вклучување на граѓанките и граѓаните во процесите за донесување на одлуките.

Арианит Џафери Еко -Герила, Тетово, 23 јули. Фотографија: Б. Јордановска/ЦИВИЛ

Жителите на Врапчиште, Теарце и Јегуновце имаа свои забелешки, ставови и размислувања повеќе во контекст на социјалната правда, антинационализмот и зелените вредности. Повеќето наши соговорнички и соговорници имаа пофални зборови за заедничкиот живот и меѓусебно почитување на етничките заедници што живеат во регионот.

Оваа турнеја започна со низа теренски активности во Вардарскиот регион. По Полошкиот регион, тимовите на ЦИВИЛ ќе заминат кон Југоисточниот регион, а на враќање, ќе се задржат во Источниот регион. До крајот на летото, ЦИВИЛ ќе го посети и Пелагонискиот регион.

Биљана Јордановска


 

Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

 

This post is also available in: AlbanianEnglish

Green CIVIL

FREE
VIEW