Струмичките екологисти предупредуваат дека иако нема рудник, планината Огражден во пределот каде беше предвиден рудникот Иловица неконтролирано се уништува со безмилосно сечење на огромни површини првокласна шума од страна на локалната подружница на Македонски шуми, јавува МЕТА.
„Ја посетивме вчера локалната подружница на Македонски шуми за да ја изразиме нашата загриженост што се врши гола сеча на висококвалитетна букова и дабова шума на просторот на досегашната концесија на рудникот иако Владата му ја укина концесијата на „Еуромакс ресорсис“, но бевме одбиени со образложение дека тие имале решение за сеча од централата на Македонски шуми и дека постапуваат по него и немаат намера да прекинат“, вели Стојан Велков, активист од „Здрава Котлина“.
Досега, вели Велков, според неофицијалните информации кои тие ги имаат, бидејќи надлежните одбиле да им дадат официјални бројки, се исечени помеѓу 700 и 1000 хектари шума, поголемиот дел букова, која тешко се обновува.
„Имаме сознанија дека треба да бидат исечени над 1600 хектари шума само на локации на кои требаше да биде хидројаловиштето на рудникот и другите објекти, што значи дека досега е исечено најмалку половина од таа шума и уништувањето продолжува без оглед што се сменија состојбите околу планираниот рудник“, вели Велков.
Љупчо Митров, директор на струмичката подружница на „Македонски шуми“ појаснува дека тие постапуваат според десетгодишните планови за сеча одобрени од Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство.
„Сечата на шума што ние ја правиме нема врска со рудничката концесија на компанијата „Еуромакс ресорсис““, вели Митров.
На прашањето, како ќе се надомести штетата од загубената шума која се сече целосно, со таканаречена „гола сеча“, Митров вели дека се тие стручни во она што го работат, па според тоа не се на место забелешките и посочува дека тие на место на столетните буки ќе засаделе други дрвја, багреми или чемпреси.
Покрај „Здрава Котлина“, на засилената сеча на шумата над Штука и Иловица реагира месното население на овие села, како и екологистите од „Младите на Штука и Иловица против рудникот“ и „Еко-долина“ од Ново Село.
Се работи за простор кој е точно над селата Штука и Иловица и локалното население е загрижено што се уништува шума од која тие со векови живееле, собирале печурки, огрев. Посебно се загрижни бидејќи соголените површини претставуваат огромна опасност од поплави и порои. Во 1935 година, според кажувања на постари жители на селото Штука, ова струмичко село било речиси комплетно уништено од поплава, што довело до делумно иселување на населението во соседна Бугарија, јавува МЕТА.