Град Скопје информира дека се започнати активностите за реализација на зелениот коридор кај Серава

Студијата за воспоставување на зелените коридори, изработена по барање на претходната градска администрација во 2017, а која се повикува на постари развојни стратегии и планови за Град Скопје уште од 60тите години на минатиот век,  покажала кои  се условите и можностите за воспоставување зелен коридор долж река Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на река Серава, од изворот до вливот во река Вардар, пишува МЕТА. Според истата студија, вкупната површина на зеленило во градот, според податоци од 2012 година изнесува 529 хектари или 6% од целокупната урбана површина на градот.

Во самата студија се признава дека „двете реки сега се користат како реципиенти на отпадни води од домаќинствата и производните објекти. На одредени делници, покрај реките, се исфрла отпад, комунален и градежен шут, што значително ги девалвира вредностите на реките и нивните крајбрежја. Лепенец поминува низ три скопски општини – Ѓорче Петров, Карпош и Бутел. Заштитата подразбира и спречување на излевање на фекални и отпадни води.

Воспоставувањето на зелени коридори долж реките Вардар, Треска, Серава и Лепенец за ублажување на штетните последици од прекумерната урбанизација и за промена на микроклиматските услови во скопската котлина беше едно од листата на 39 барањата од граѓанската иницијатива О2 Коалиција со која се кандидатите за градоначалник на град Скопје пред локалните избори во 2017 година се обврзаа да ги реализираат заради подобрување на лошата состојба со животната средина во главниот град. И актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов беше потписник на листата.

Како што пишува МЕТА, Шилегов минатата година, кога беа актуелни преговорите со еко-активистите на „Го сакам Водно“ околу изградбата на гасоводот преку Водно се обврза да ги реализира зелените коридори, за што уште лани се пофали дека добиле средства од Владата. На крајот на 2018 година, Советот на Град Скопје одобри ставка во буџетот во износ од 5 милиони денари за реализација на зелените коридори.

Мониторингот на реализацијата на предизборните ветувања од оваа листа ги врши Политичкиот бројач кој се наоѓа на сајтот „Мој воздух“. Засега, од 39. ветувања, Политичкиот бројач регистрирал дека Шилегов реализирал само едно ветување – прекин на прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат за време на денови со високо аерозагадување, додека за 19 стои дека е почната реализацијата. Воспоставувањето на зелените коридори на скопските реки засега фигурира како нереализирано ветување.

Од Град Скопје информираат дека проектот е во соработка со УНДП и дека во моментов се изработува деталната изведбена техничка документација за коридорот на Серава. Предвидените 5 милиони денари во Буџетот на Град Скопје се наменети за изведување на почетните уредувачки активности, кои ќе се одвиваат во повеќе фази, се наведува во писмениот одговор од службата за информирање на Град Скопје.

Please follow and like us: