Локалниот совет за превенција на општина Куманово во соработка со Отсекот за превенција на СВР Куманово заедно со неколку Невладини организации на 11 септември 2019 година одржа седница каде се дискутираше на тема „Справување со диви депонии (ѓубришта), загадување и уништување на јавен имот“. „Од состанокот, почнувајќи од Советот на Општина Куманово, институциите, граѓаните и невладините организации заклучија, дека сите заеднички треба да се вклучат и да дадат свој придонес во зајакнувањето на граѓанската свест за решавање на овој горчлив проблем.
На состанокот беше формирана тематска проблемска работна група за заштита на животна средина која е составена од седум члена, која во период од една недела ќе прибира предлози и идеи за конкретни активности кои ќе бидат ставени во Акциски план.
До донесувањето на Акцискиот план, во септември и октомври треба да се организираат повеќе акции на терен на веќе лоцирани критични локации со учество на претставници од институции, невладини организации и граѓани од конкретни подрачја за чистење, давање пример и подигање на јавната свест“, објасни м-р Драган Чунгурски, координатор на тематската работната група и Советник за заштита на животната средина и природата во Општина Куманово.
Како што информираше Чунгурски, првата Акција ќе се одржи на 21 септември, сабота, по повод Светска Акција за чистење-World Clean up Action која секоја година ја спроведува организацијата Go Green во десетина града низ државата. Акцијата ќе започне во 10 часот, а зборното место ќе биде пред главниот влез на средното економско училиште „Перо Наков“. Во оваа Акција се планира да се чисти маалскиот парк, каде што се наоѓа детското игралиште односно детските лулашки.
„Во тој контекст Ве молиме активно да се вклучите во оваа акција со ваше присуство и дадеме пример на останатите со цел зачувување и подобрување на нашето животно опкружување. Оваа Акција би сакал да ја посветам на сите политичари кои што се најголемите виновници за лошата состојба во која се наоѓа нашата држава (секоја чест на поединците) во однос на зелените политики т.е. зачувување на животната средина, нашето културно, историско и природно богатство и длабоко се надевам дека пред се ќе успееме да ја подигнеме нивната свест и општествената одговорност, а потоа одговорноста на секој еден граѓанин. Одважете се и волонтирајте, бидејќи за нас и нашите деца се работи“, изјави Чунгурски за ЦИВИЛ Медиа.
Во повикот за Светскиот ден на чистење во Куманово стои дека на во сабота ќе се случи најголемата акција во светот за чистење на отпадот како дел од „Let’s Do It! World“, кое е најбрзорастечкото граѓанско движење во светот, кое ги поврзува и ги охрабрува граѓаните, општините, компаниите и владите да ги исчистат своите земји од лошо управуваниот отпад.
Б. Ј.