Иницијатива „Купи креација, биди дел од еко-донација“ за обновување на шумата кај езерото „Младост“

По пожарот кај езерото Младост, велешани бараа одговорност, но истовремено и начин за обновување на опожарената шума. Општина Велес се откажа од Пастрмалијадата и реши во време на есенско садење, парите наменети за манифестацијата, да ги пренамени за купување садници.

Сепак, Марија Пупулиева, активистка од Велес саминицијативно, реши својот талент да го искористи во надополнување на оваа акција независно од институциите и надлежните органи.

„Изработувам украсни кутии од хартија. Користам рециклиран материјал и тоа го правам од хоби, а не за некаков профит. Иницијативата „Купи креација, биди дел од еко-донација“ е со цел да се обезбедат садници за опожарените места кај езерото „Младост“ и селото Ораоец. Сите донации од продажбата на кутиите ќе бидат наменети за набавка на садници. Во соработка со луѓето што се задолжени за таа работат ќе се одреди видот на садниците, а посадувањето ќе биде во период кога ќе одлучат тие дека е најповолен. Цената ќе биде симболична, 100 денари. Апелирам до сите оние што изработуваат интересни и креативни дела слободно да ми се придружат“, изјави Пупулиева за ЦИВИЛ Медиа.

За реализирање на Иницијативата, Пупулиева има поддршка и од велешкото еколошко здружение „Вила зора“.

Како што објасни таа, продажбата ќе биде во центарот на Велес. ЦИВИЛ ја поддржува оваа иницијатива и дополнително ќе извести за датумот, времето и местото на продажбата.

Биљана Јордановска
Монтажа: Ариан Мехмети

 

Please follow and like us:

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW