Владина делегација на Самитот за климатски промени во Њујорк

Со учество во работата на Самитот за климатски промени започна официјалниот дел од програмата на активностите на делегацијата на Владата на Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев на 74-тото Генерално собрание на ОН во седиштето на организацијата во Њујорк.

Како што соопштија од владината прес-служба, Самитот за климатски промени е во фокусот на годинашното Генерално собрание на ОН на кој шефовите на држави и влади и членовите на нивните делегации дојдоа со заложба да ги поттикнат акциите за заштита на планетата утврдени со Парискиот договор.

Премиерот Заев, и владина делегација во чиј состав се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, ќе учествуваат во работата на меѓувладиниот панел за климатски промени и на други форуми, каде што, како што се посочува, ќе бидат презентирани и усогласени национални агенди за намалување на емисиите на јагленороден диоксид и други честички што ја уништуваат озонската покривка и го загадуваат воздухот.

Справувањето со климатските промени како носечка тема оваа година на Генералното собрание на ОН има за цел да го помогне остварувањето на Одржливите цели за развој усвоени во 2015 година, кои дополнително ќе бидат евалуирани на уште еден од петте самити на собранието оваа година.

Денеска во седиштето на ОН во Њујорк, се посочува, започнува работата и на Самитот за универзален пристап до квалитетни здравствени услуги, на кој свое обраќање ќе има министерот за здравство Венко Филипче, а наредните денови се отвора работата и на Самитот за финансирање на развојот.

Во рамките на денешната агенда, како што информираат од Владата, премиерот Заев ќе присуствува на посебниот настан во организација на Мисијата на Соединетите Американски Држави во ОН, „Глобален повик за заштита на верските слободи“, на кој главен говорник е претседателот на САД Доналд Трамп.

Присуството на највисоки претставници на земјите членки на ОН, шефови на држави и влади, делегацијата на нашата Влада ќе го искористи за повеќе билатерални средби и учества на повеќе форуми, собири и други настани на маргините на 74-тото Генерално собрание на ОН.

Во текот на денешниот ден, премиерот Заев и членовите на владината делегација ќе остварат одделни средби со премиерот на Естонија, Јури Ратас и со делегацијата на Азербејџан, предводена од министерот за надворешни работи, Новруз Мамадов, стои во соопштението.


Извор МИА

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW