Жителите од улицата Лазар Димитров, населба 11 Октомври, Општина Кисела Вода упатија апел и јавен повик до општината да им одговорат на неколку прашања и конечно да го довршат тоа што го почнале – асфалтирање на нивната улица.
Како што известуваат пред повеќе од два месеци општината одлучила да ја асфалтира улицата, која со години била руинирана. Но, по извесно време работите запреле.
„Процесот на работа одеше многу споро. На терен работниците доаѓаа само по 5 часови на ден. Во неколку наврати по 10тина денови воопшто не се работеше на улицата кон нејзина комплетна санација. Во меѓувреме, Водовод и Канализација агилно и навремено ги завршија интервенциите во нивен домен.
И еве по повеќе од два месеци, граѓаните од Кисела Вода живеат во заложништво на општината. Ниту едно од семејствата, не е во можност да влезе со својот автомобил до своите домови. Станува збор за повеќе од 50 куќи, а што е уште позастрашувачки, во случај на ненадеен пожар, противпожарно возило нема да може да се пробие, уште помалку амбулатно возило во случај на итна помош. На оваа улица живеат и повозрасни луѓе, кои не можат да се пробијат ниту до најблискиот маркет. Луѓето живеат како заробеници во своите домови повеќе од два месеци. Па затоа прашуваме, има ли Кисела Вода градоначалник?!“, се вели во дописот на жителите.
Тие известуваат дека неофицијално, добиле информација дека општината најверојатно во меѓувреме го потрошила буџетот на асфалтирање други улици, па затоа не може да ја финализира оваа улица.
„Го прашуваме градоначалникот Филип Темелковски: Зошто тогаш воопшто се нафатија да ја демолираат и комплетно раскопаат улицата, ако немаат испланирано буџет да ја финализираат?!
Па затоа апелираме за помош до Вас ценети медиуми, бидејќи на сите наши прашања и барања останавме без одговор од Општина Кисела Вода. Повеќе пати досега беа пишувани дописи до општината и наидовме на игнорантен однос. Ниту еднаш не не удостоија со одговор. Искрено се надеваме дека ова крајно непрофесионално и неодговорно (не)работење на Општина Кисела Вода ќе побуди интерес кај вас, за побрзо да се реши овој проблем“, велат жителите кои се надеваат дека јавното соочувње на општината со нивниот проблем ќе придонесе за негово брзо решавање.
Б. Ј.