Депонијата Дрисла често е во фокусот на медиумите. Особено од моментот кога контроверзните Италијанци му станаа партнери на Градот Скопје. Она што пред седум години започна како сомнителен и нетранспарентен процес, ја доведе Македонија во кавги со Германија, а на анонимните Италијанци им овозможи 7 години да оперираат без инвестиции со најголемата депонија во Европа. По макотрпни тужби, градоначалникот Петре Шилегов реши да ги спроведе судските одлуки и да му ја врати депонијата на Градот. Но, Дрисла уште ја водат Италијаците оти македонските институции се во меѓусебни препукувања за наводни правни заврзлами.
Сега решението за деценискот спор за депонијата Дрисла е заглавено во правен лавиринт меѓу Градот Скопје и Централниот регистар. Градоначалникот Петре Шилегов го стави и поранешниот директор на УБК и бизнисмен, Сашо Мијалков помеѓу овие две институции.
Скопскиот градоначалник ја обвини директорката на Централниот регистар и шесте регистратори како главна кочница за преземањето на депонијата Дрисла. Според градоначалникот Шилегов по донесената одлука на Советот на Град Скопје, потребно е Централниот регистар да ја потпише, но тоа сеуште не го направиле.
„Со одлуката ја прекинавме постапката и ја бараме назад на наша сопственост, но централен регистар одбива да ја потпише. Во Централен регистар, со шесте регистратори и директорката, јас лично бев и не можев да наидам на разбирање затоа што имаме различно правно толкување“, рече градоначалникот Шилегов во дебатната емисија Топ Тема.
Тој вели дека не му е јасно зошто директорката сеуште ја нема потпишано одлуката, но дека според него можеби се работи за скриени мотиви на регистраторите и директорката или пак страв од Сашо Мијалков, „оти сите знаеме дека он го води тој бизнис“, додава Шилегов.
Иако одлуката на Советот на Град Скопје е од месец јули оваа година, со депонијата Дрисла сеуште управува италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Градоначалникот Шилегов за ова вели дека Дрисла е само во владение на италијанската фирма, но дека не е во нивна сопственост, затоа што одлуката е укината. Но, фирмата сеуште профитира од депонијата Дрисла.
Правен лавиринт
Директорката на Централен регистар, Марија Бошковска – Јанковски го демантира Шолегов. Таа тврди дека во случајот со Дрисла, градоначалникот во име на Град Скопје бара од Централниот регистар незаконски да постапува и истовремено се заканува со одговорност.
„Централниот регистар не е институција која може да врши поништување на уписи, тоа е работа на судовите. Затоа го повикуваме и охрабруваме градоначалникот на град Скопје да поведе постапка за ништовност на упис пред надлежниот суд , за која има законски основ“, пишува во писмената реакција на Бошковска Јанковски.
За демантот на Централниот регистар било побарано и стручно мислење од професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски кој присуствувал и на првиот состанок меѓу градоначалникот Шилегов и директорката на Централниот регистар, Бошковска.
Професорот Давитковски појаснува дека Градот Скопје преку адвокатот Сашо Бузлиев побарал Друштвото со ограничена одговорност да премине во Јавно претпријатие по донесената одлика на Совет на Град Скопје. Централниот регистар, по консултација со овластените лица го одбива барањето на Градот.
„Во моментов има мешовита фирма, а тој сака врз основа на одлука на виш управен суд каде што се укинува тендерска документација, да премине во јавно претпријатие. Тоа не е дозволени и нема правен основ“, појаснува Борче Давитковски во разговор за ИРЛ.
Борче Давитковски во разговорот со ИРЛ додава дека е нормално градоначалникот, како политичар, да сака работата да биде завршена побрзо, но потребно е да се прати процедурата
Градоначалникот Петре Шилегов одби да го коментира демантот на Централниот регистар, но повторно истакна дека стои зад својата изјава. Тој вели дека постои правен основ со кој Централниот регистар може да го спроведе нивното барање.
Она што останува нејасно е зошто е Градот Скопје бара преминување на мешовитата фирма во јавно претпријатие. ИРЛ разговараше со повеќе правни експерти кои посочија дека според Законот за концесии и јавно приватно партнерство, при одлука за поништување на јавното приватно партнерство целата надлежност се враќа на претходно формираното Јавно претпријатие.
Во слулајот со Дрилса, по тендерот спроведен во 2013 година, се регистрира нова фирма Дрисла ДОО која е “Друштво за посебна намена“. Според Законот, друштвата со посебна намена се регистрираат од приватниот партнер или концесионерот за да може да се реализира јавно приватно партнерство. Но, законот вели дека при поништување на јавно приватното партнерство надлежноста се враќа во Јавното претпријатие, а Друштвото останува без надлежност.
Контроверзно минато
На почетокот на годината комисија формирана од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и вработени во Градот и Министерството за животна средина, откако ги евалуираа понудите на трите компании кои во 2012 година поднеле понуди за инвестирање во Дрисла, донесоа одлука дека со работа на депонијата треба да започне конзорциумот составен од германската „Шолц“, хрватската „Ц.И.О.С. доо“ и македонската „Сплендор мак“.
Хрватската компанија Ц.И.О.С. која е беше една од фирмите во конзорциумот, од 1994 година е партнер со германската Шолц група. Нејзниот сопственик и претседател на управниот одбор Петар Припуз заедно со синот и ќерката Иван и Ива Припуз се сопственици на уште десетина компании чија главна дејност е поврзана со собирање и рециклирање на отпад, како и со производство на електрична енергија.
Човекот кој ќе требаше да се справува со отпадот на депонијата Дрисла во Хрватска нема чисто досие и бил уапсен за местење тендер и злосторничко здружување.
По неколку месеци Градот Скопје донесе одлука да се раскине договорот со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ и концесијата да се додели на германско-хрватскиот конзорциум воден од „Шолц“. Но, еден месец подоцна градоначалникот Шилегов повторно се предомисли.
Конзорциумот составен од контроверзни фирми, не успеал во законскиот рок од 30 дена да се јави за да склучи договор за земање на Дрисла под концесија, по што Советот на Град Скопје донесе нова одлука – Дрисла да работи без концесионер и да биде под капата на Градот.