Жителите на Куманово на социјалните мрежи споделувајќи слики и снимки реагираа на сеча на дрвја, на две липи во централното градско подрачје. Од општината денеска, изјавија дека дрвјата се исечени бидејќи се проширува улицата поради проширување на автобуски постојки на улицата „Гоце Делчев“.
Граѓаните ги информираа медиумите, укажувајќи дека во градот нема доволно зеленило со кое се прочистува возухот, особено на таа улица во централното градско подрачје, а долголетните дрвја создаваа и сенка во летните месеци.
„Оваа сеча е поради проширување на улицата, односно ќе се гради автобуска постојка, што значи дека просторот за пешаци и велосипедисти ќе се намали или ќе го снема како и дрвата, на сметка на автомобилскиот сообраќај“, напишаа граѓаните во информацијата доставена до медиумите.
Градоначалникот Максим Димитриевски, вели дека на оваа улица ќе се прошири автобуската постојка, бидејќи сегашното застанување на автобусите од градскиот превоз предизвикува сообраќаен метеж токму во овој централен дел од градот. Тој најави дека ќе бидат засадени нови дрвја и на оваа и на други локации, што е дел од акцискиот план за намалување на аерозагадувањето.
„Во рамки на подготвка на проектот за изработка на две нови постојки на улицата „Гоце Делчев“, неминовно беше да се отстранат дрвјата. Општината презема обврска да насади нови квалитетни листопадни садници и на местото на исечените дрвја и долж улицата и ќе ги реобнови склонопадните дрвја“, изјави Димитриевски.
За идната година, во рамки на долгорочниот план, спорд градоначалникот, пет проценти од вкупниот буџет на капитални инвестици ќе бидет инвестирани за озеленување на градот, со висококвалитетни садници на повеќе локации, проект кој ќе се реализира со ЈП „Чистота и Зеленило“ . Претходно, потсети Димитриевски, општината заедно со АРМ и училиштата насади садници и формираше зелен појас во населбата „Гоце Делчев“ а акции за озеленување имаше и на други локации во Куманово.
Извор МИА