„Тврдам дека она што е на сликите од исечените стебла на Шар планина кои деновиве беа објавени се трупци кои се исечени и обработени од страна на екипи на Национални Шуми“, категоричен е во изјавата за „Мета.мк“ Зоран Ѓорѓиев, директор на ЈП Национални Шуми во врска со информациите и снимките на огромни количества исечена шума од пределот на Шар планина, кои потекнуваат од областа на едно од најубавите предели на планината – Лешница.
Ѓорѓиев тврди дека легалната сеча на Шара е утврдена со десетгодишниот план на претпријатието и дека се работи според тој план, но сепак не ја исклучува можноста во тој предел да има и бесправна сеча.
„Дрвата на Национални шуми ќе ги познаете по тоа што имаат жиг и пластична етикета со број во неколку бои“, вели Ѓорѓиев.
Од друга страна, под паролата „Не вреди!“, еколошките здруженија од Тетово, „Еко-герила“ и „Да ја спасиме Шара“ денес ја започнаа кампањата „против уништувањето на шумите на Шар планина и изградбата на мали-хидроцентрали“ во ова подрачје.
Непосреден повод беа снимките кои осамнаа во некои медиуми и на социјалните мрежи од стотици исечени квалитетни стебла бор и бука снимени на патот од месноста Лешница кон Попова Шапка.
Екологистите обвинуваат дека уништувањето на шумата е засилено во последниот период поради изградба на мали хидроцентрали во пределот на Шар-планина.
„Со изградбата на голем број на мали хидроелектрани во Северна Македонија се загрозува водата за пиење и за наводнување на жителите на населените места каде што се градат овие централи. Државата дава многу пари како субвенции за изградба на малите хидроелектрани, а од друга страна нивниот придонес кон производство на енергија од обновливи ресурси е незначителна и многу мала. За изградба на хидроелектраните се сечат шуми со што се предизвикува ерозија, па како резултат на тоа можно е да има наскоро и големи поплави каде што ќе страдат жителите на овие населени места“, вели Арианит Џафери од тетовското здружение „Еко-герила“.
Хамди Сулејмани од здружението „Да ја спасиме Шара“ информира дека викендов, поточно в недела, ќе организираат марш од шарпланинското село Бозовце до месноста Лешница со цел граѓаните, планинарите, медиумите и други заинтересирани да се запознаат овој крај, но и да ја согледаат вистинската состојба во која таа се наоѓа откако последниве години се врши, како што вели, неконтролирана сеча на шумата, која е вистинско богатство на овој предел.
Тој тврди дека уништувањето на еден од најубавите предели во Македонија е поврзано со изградбата на малите хидроцентрали и со бизнисите на моќни политички фигури од владеачките партии во овој дел од државата.
„Уште на почетокот на годинава инсистиравме владата од 22-те концесии за изградба на мали хидроцентрали да ги изземе единаесетте локации каде се дадени концесии за изградба на мали ХЕЦ, а кои се наоѓаат во подрачја кои треба да бидат под заштита на државата било како дел од националната мрежа или од подрачјата кои треба да бидат дел од „Натура 2000“ или емералд подрачја. Но, наместо тоа, изземени беа само три, но ниту една локација на Шар планина, иако е веќе далеку одмината постапката за нејзино прогласување за национален парк. Ако вака се продолжи уништувањето на Шара, нема да има што да се заштити кога конечно ќе дојде време за тоа“, вели Ана Чоловиќ Лешовска од „Еко-свест“.