Што ќе се случува на денешната конференција „Зелените доаѓаат“?

На денешната конференција „Зелените доаѓаат“ (хотел Порта, Скопје, 12-14 часот) што ја организира ЦИВИЛ, во партнерство со германската фондација Хајнрих Бел, ќе говорат Арта Точи, пратеничка во Собранието на РСМ, Митко Јанчев,  градоначалник на Кавадарци, Аријанит Џафери од Еко Герила, Ванчо Орданоски, ИТ експерт, Даница Павловска – Циги, експертка за архитектура и просторно планирање, како и претставници на ЦИВИЛ.

Што подразбираат зелените вредности? Кој и колку ги разбира зелените вредности? Како прашањата и темите од областа на социјалната правда се поврзани со зелените вредности? Зошто, кога говориме за зелените вредности, подразбираме и антидискриминација и антинационализам? Дали зелените вредности се дел од стратегиите, политиките и практиките на политичките партии и институциите на државата? Што и колку ветуваат и колку од тоа исполнуваат? Дали и колку локалните власти можат да се занимаваат со заштита и унапредување на животната средина? Дали и како се злоупотребени зелените невладини организации и иницијативи од политичките партии и радикалните структури во земјата? Дали има услови и потреба да се формира движење на зелените во Северна Македонија кое вистински ќе ги застапува, промовира и практикува зелените вредности?

Тоа се прашањата на кои се обиде да одговори Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, а на кои тимот на организацијата, во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, работеше во изминатите десет месеци, но и во претходните години. Од проектот и од оваа конференција ќе произлезат и препораки што се однесуваат на институциите на централно и локално ниво, политичките партии, медиумите, граѓанското општество и пошироката јавност. Од ЦИВИЛ велат дека се подготвени да учествуваат во креирањето на нови, зелени политики и практики, но и да извршат притисок врз институциите нив и да ги спроведуваат.

Како и секогаш, кога се работи за ЦИВИЛ, агендата е отворена за пријавуање на говорници за целото времетраење на настанот. Хаштагови на настанот се #ЗеленитеДоаѓаат и #ЗеленаИднина. Онлајн заедницата ќе има можност да поставува прашања и коментари на Фејсбук страницата Зелен ЦИВИЛ. Тимот на ЦИВИЛ Медиа цело време ќе објавува поенти од конференцијата на својата веб страница и на социјалните мрежи.

На конференцијата ќе се говори за предизвиците и можностите во областа на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, како и за нивната меѓусебна поврзаност и неделивост, за што цврсто се залага ЦИВИЛ. Понатаму, наодите од теренската работа на ЦИВИЛ, оценки, анализи и препораки за различни категории во државата и општеството, ќе бидат дел од агендата на конференцијата.

Оваа конференција има цел да промовира зелени вредности кои ги вклучуваат и се во единство со темите поврзани со социјалната правда и антинационализмот. „Суштински важно е да се разбере дека кога зборуваме за зелените вредности, тоа не подразбира само заштита на животната средина, туку и заштита на човековите права и слободи, социјална и еколошка правда, економска и еколошка благосостојба, еднаквост и антидискриминација. Зелените доаѓаат насекаде во светот. Северна Македонија мора да се приклучи кон глобалните трендови и процеси“ - велат од организацискиот тим на конференцијата.

Организацијата, во својата структура обединува повеќе организациски единици, меѓу кои и Зелен ЦИВИЛ, формирана во 2009 година. ЦИВИЛ постои од 1999 година. Во својот статут и програма, организацијата ги вградува Универзалната декларација за човековите права, европските и зелените вредности и ги практикува во сите свои активности и проекти. Оваа година, на 25 ноември, ЦИВИЛ навршува 20 години од своето постоење.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW