Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, Арта Точи, пратеничка во Собранието на РСМ, Арианит Џафери, Екогерила, Ванчо Орданоски, ИТ експерт, Даница Павловска – Циги, експертка за архитектура и просторно планирање, Џабир Дерала, Диана Тахири и Биљана Јордановска од ЦИВИЛ се говорници во првиот дел од конференцијата кои се потврдени до сега како учесници на Конференцијата „Зелените доаѓаат“.
Конференцијата ќе се одржи во петок, на 25 октомври во хотел „Порта“ (Аеродром) од 12 до 14 часот, а поканети се граѓански организации и иницијативи, политички партии, институции на национално и локално ниво, медиуми и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
На конференцијата ќе се говори за предизвиците и можностите во областа на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, како и за нивната меѓусебна поврзаност и неделивост, за што цврсто се залага ЦИВИЛ. Понатаму, наодите од теренската работа на ЦИВИЛ, оценки, анализи и препораки за различни категории во државата и општеството, ќе бидат дел од агендата на конференцијата.
Оваа конференција има цел да промовира зелени вредности кои ги вклучуваат и се во единство со темите поврзани со социјалната правда и антинационализмот.
„Суштински важно е да се разбере дека кога зборуваме за зелените вредности, тоа не подразбира само заштита на животната средина, туку и заштита на човековите права и слободи, социјална и еколошка правда, економска и еколошка благосостојба, еднаквост и антидискриминација. Зелените доаѓаат насекаде во светот. Северна Македонија мора да се приклучи кон глобалните трендови и процеси“ – велат од организацискиот тим на конференцијата.
Организацијата, во својата структура обединува повеќе организациски единици, меѓу кои и Зелен ЦИВИЛ, формирана во 2009 година. ЦИВИЛ постои од 1999 година. Во својот статут и програма, организацијата ги вградува Универзалната декларација за човековите права, европските и зелените вредности и ги практикува во сите свои активности и проекти. Оваа година, на 25 ноември, ЦИВИЛ навршува 20 години од своето постоење.
ЦИВИЛ Тим за комуникации